На сцената на Драмски театар в петок, на 12 април ќе гостува Народниот театар од Ниш, Србија со спектаклот „Брод на љубовта“ по текст на Небојша Ромчевиќ на 12.4.2019 (петок). По успешната соработка во рамки на меѓународниот фестивал „Театар на крстопат“ кој се одржа од 11 до 19 март, на кој Драмски театар гостуваше со ремек-делото „Фестен“, овој пат ние сме домаќини на една голема продукција во која учество имаат и наши автори.
„Брод на љубовта“, од насловот на истоимената драма, е всушност траектот „Кримхилда“ што крстари на релацијата Либек – Санкт Петребург. Неговите патници се „свињи од истокот“ и „гомна од западот“ – како што ги нарекува авторот – т.е. сексуални печалбари од источноевропските (некогаш комунистичките) земји кои се во потрага по заработувачка и подобар живот, односно Европејци од средниот сталеж кои се во потрага по задоволства, забава и заборав. Режисер на овој голем проект е нашиот Ангелчо Илиевски. Автор на сценографијата е Валентин Светозарев, додека костимографијата е на Марија Пупучевска. Автор на музиката е Боривоје Младеновиќ, а кореограф Небојша Громилиќ. Бројната актерската екипа е составена од: Марјан Тодоровиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Маја Банковиќ, Јелисавета Караџиќ, Данило Петровиќ, Милош Цветковиќ, Александар Михајловиќ, Душан Матејиќ, Бојан Вељовиќ, Сања Крстовиќ, Дејан Цицмиловиќ, Снежана Петровиќ, Јасминка Хоџиќ, Евгенија Станковиќ, Марко Павловиќ, Стефан Младеновиќ, Драгослав Савиќ и Ивона Стојков.
Првпат претставата е изведена на сцената на Народниот театар од Ниш на 9 ноември 2016 година.
Драмата на Небојша Ромчевиќ „Брод на љубовта“ ми беше иствремено и предизвик и задоволство. Текстот е компликуван на свој начин – на прв поглед се чини површен и едноставен, а всушност, отвора суштински внатрешни човечки и општествени проблеми.
И драмата и претставата се занимаваат со духот и состојбата на денешницата. Зборуваат за колективното лудило кое е во голема мера последица од општествениот притисок, а сето тоа води кон едно глобално распаѓање, вели режисерот Илиевски.
Тој го користел сценариото на филмот и основниот драмски тест за да направи адаптација во која би ја заокружил генералната приказна и би ги развил сите ликови и односи. Насловот на претставата е „Брод на љубовта“, а во суштина во неа нема ниту „грам“ љубов и оваа иронија го отсликува светот денес.
„Ако престанам да сонувам, се’ ќе престане да постои“ – На овие ликови им недостига сон, им недостига љубов, им недостига живот во вистинската смисла на зборот. Отуѓени се, живеат наметнат живот по наметнати правила, живеат во машината на системот што ги меле и ги унифицира. Претставата се занимава со големи проблеми преку мали луѓе што се губат во големиот свет. Бродот како метафора на светот, нуди гламур, сјај, среќа, љубов и се’ што ни недостига. А всушност, се’ е лажна слика во која очајнички веруваме, додава Илиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.