Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави доаѓањето на младиот и успешен чешки писател Марек Шинделка, кој ќе го промовира својот роман „Замор на материјалот“, објавен во издание на „Антолог“.
Настанот ќе се одржи на 5 април 2019 година, со почеток во 19:30 часот, во Галеријата при МКЦ. Промотор на книгата ќе биде Алекс Букарски. Преводот на делото на македонски јазик е на Јасминка Делова-Силјанова и на Даниела Роус-Мишевска, велат од „Антолог“.
Марек Шинделка (1984) е чешки писател и поет. Студирал културологија на Филозофскиот факултет при Карловиот универзитет во Прага и сценаристика на прашката ФАМУ. За првата поетска збирка му е доделена наградата „Јиржи Ортен“. Двоен добитник е на наградата „Магнезија литера“.
Романот „Замор на материјалот“ е на многу актуелна тема – миграцијата и го опишува патот до Европа на двајца браќа од неименувана земја зафатена со војна. Нивните патишта наеднаш се разделуваат и секој продолжува на своја рака, без мапа, без врски, без контакти. Го следиме сложениот и болен пат кон север и истовремено со тоа во книгата читаме за Европа видена однадвор. Европа, која потсетува на голема машина што работи. Единственото што стои наспроти таа машина е ранливото човечко тело. Тело на искоренет човек сведен на проблем, на статистички податок, на материјал.
Настанот се организира со поддршка на Амбасадата на Чешката Република во Скопје, Чешкиот центар во Софија, Чешкиот книжевен центар, Моравската библиотека во Брно и Младинскиот културен центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.