Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Митевска Стругар ја доби наградата „Лукс 2019“ за филм на Европскиот парламент, која беше доделена на свечената церемонија во хемисиколот на Европскиот парламент.

Прв пат откако е воведена наградата „Лукс“ за филм на Европскиот парламент пред тринаесет години, македонски филм е добитник на оваа награда. Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска е копродукција меѓу Македонија, Словенија, Белгија, Хрватска и Франција.

Покрај „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска за наградата во финалната трка се најдоа се уште и „Нерешениот предмет Хамарскјилд“ на Мадс Бругер (Данска / Норвешка / Шведска / Белгија), и „Ел Реино“ (Шпанија / Франција) од Родриго Сорогојен.

Инаку, годинава меѓу десетте филмови кои беа во селекцијата за наградата ЛУКС2019, од кои беа избрани трите финалисти, имаше уште еден македонски филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, што само зборува за квалитетот на македонската филмска продукција.

Наградата од рацете на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли ја прими, режисерката Теона Стругар Митевска во присуство на главната актерка која ја игра улогата на Петрунија Зорица Нушева и актерката и продуцент на филмот Лабина Митевска.

При добивањето на наградата Стругар Митевска се обрати до европратениците барајќи да ги бранат правата на слобода и на збор на уметниците и авторите.

Јас сум жена, јас сум Македонка, јас сум европјанка, иднината на Европа е во солидарноста во инклузијата, а не во ексклузијата, рече Стругар Митевска од говорницата на Европскиот парламент.

За Наградата „Лукс 2019“ гласаа европратениците, оние кои ги видоа филмовите, всушност тие се финалното жири за наградата, откако филмовите беа селектирани од филмски професионалци од земјите членки на ЕУ.

Европскиот парламент ги покрива трошоците за титлување на трите финални филмови на 24 официјални јазици на ЕУ и изработува дигитална копија на филмовите за секоја од земјите-членки.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.