На 17 јули (сабота) во 15 часот во кино Фросина, во Младинскиот културен центар (МКЦ) големиот унгарски режисер Бела Тар ќе одржи онлајн-мастерклас во рамките на 20. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој оваа година ќе се одржи на отворено од 15 до 21 јули. Претходно, со почеток во 12 часот, ќе се одржи специјална проекција на филмот „Werckmeister harmonies“, кој е темата на мастеркласот, соопшија од МКЦ.

Унгарскиот режисер Тар се смета за визионер. Неговиот стил еволуираше со текот на годините, од раните филмови како Family Nest (1979) и The Outsider (1981) до неговите проекти Satantango (1994), Werckmeister Harmonies (2000), постепено оддалечувајќи се од она што тој го нарече „социјално кино“ до поновите, длабоко атмосферски филмови како The Turin horse (2011). Тар инспирира и влијае на повеќе современи режисери, кои за него велат:

Мартин Скорсезе:

Бела Тар е еден од најголемите авантуристи меѓу филмските уметници.

Гас Ван Сант

Тој е еден од малкуте автентични филмски визонери.

Џим Џармуш

Филмовите на Тар нѐ потсетуваат на убавиот и чуден потенцијал на наративниот филм.

Бела Тар е меѓу највлијателните режисери изминативе 30 години.

Бела Тар е антимистик. Некој што својот филмски опус го разбира како борба против правењето филмови/лаги. Кај Тар, филмот станува живо битие, заеднички емпатичен договор помеѓу режисерот и гледачот, чин на доверба. Неговата методологија подразбира флуидност во филмската нарација, поинаков монтажен процес во филмското раскажување, протест против традиционалното филмско изразување, поинаков простор и поинакво филмско време. Бела Тар создаде сопствен филмски јазик додавајќи ја алегоричната слика на своето опкружување. Кинестетскиот јазик на Тар е најдобро изразен преку тежината на времето, товар присутен во голем број од неговите филмски сцени. Бела Тар го револуционизира современото кино, вели македонскиот филмски критичар Влатко Галевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.