Голем интерес помеѓу илустраторите и дизајнерите за учество на отворениот повик за изработка на креативни илустрации за најновиот проект „Современи бајки од Македонија“ на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Остануваат уште четири дена до затворањето на конкурсот – 20 март 2021 година, а се очекува финалната бројка на учесници да се зголеми од досега пристигнатите, бидејќи секој ден пристигнуваат нови апликации.
Вкупниот фонд за награди изнесува 140.000 денари или 35.000 денари поединечно за секоја од четирите сликовници. Сите заинтересирани кои сакаат својата креативност да ја изразат преку илустрации наменети за најмладите сè уште можат да ги испратат своите пријави најдоцна до 20 март 2021 година на е-адресата bravosine@arslamina.com. Пријавите ќе се сметаат примени по доделена шифра од страна на администратор. Кандидатите анонимно учествуваат до првата селекција на пристигнатите решенија, по што можат да бидат повикани на лична презентација за планираниот пристап и работата кон целата едиција на бајки, доколку решението биде наградено.
Отворениот повик за илустратори и дизајнери е втората етапа од проектот „Современи бајки од Македонија“, а илустрации ќе се работат за четирите победнички бајки: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова. По изборот на четири победничките бајки од пристигнати 442 бајки од 316 автори, следуваше и овој отворен повик за илустратори и дизајнери, со што „Современите бајки од Македонија“ овозможуваат писателите и илустраторите да го изразат својот автентичен креативен потенцијал и да создаваат современа македонска култура.
Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири-комисија составена од претставници на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ и надворешни членови (експерти од областа).
Конкурсот за „Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните проекти „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“, кои постигнаа голем успех, а дел од нив се преведени на седум јазици, на Брајовото писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.