Годишното собрание на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија (СОФАМ) се одржа во Битола каде присуствуваа претставници на културно уметнички друштва и фестивали кои членуваат во оваа национална организација, која ги обединува со една основна цел да се чува, развива и афирмира дома и во светот, фолклорот како нематеријалното културно наследство.
Регуларните активности на годишното собрание процедурално завршија, изгласан е извештајот за реализираната програма во 2019 година, како и финансискиот извештај за работата на Сојузот. Исто така беше поднесен и образложен извештајот за организацијата на Митингот на Сектор за Јужна Европа на светската фолклорна организација ЦИОФФ, каде оваа година беше домаќин нашата држава и градот Битола, а Митингот беше оценет како еден од најдобро организираните во нашиот сектор. Беше поднесен и извештај за присуството на национален делегат од Софам на Светкиот конгрес во Сантијаго, Чиле, каде претставникот на Македонија, за прв пат е избран во некое од главните тела на ЦИОФФ, така што Никола Димитровски официјално е член на правната комисија на оваа светска организација.

На Собранието беа донесени и одлуки за подобрување на статусот на фолклорот и местото кое го заслужува во негувањето на традициите, на национално ниво низ институциите кои се задолжени за тоа, посебно Министерството за култура, кое при распределбата на средства треба да знае кои ансамбли и фестивали се членови на овој Сојуз, кој од друга страна е член на единствената организација, партнер на УНЕСКО во областа на нематеријалното културно наследство. Тоа се ансамбли кои ја промовираат државата и фолклорот на глобално ниво.

Културно уметничките друштва кои негуваат фолклор во нашата држава се и чувари на ова богатство, но и главни амбасадори на државата при учеството на бројни концерти, фестивали и смотри ширум светот. Нивната работа и нивното членство во оваа национална организација се важен фактор за афирмирање дома, но и надвор од националните граници. Затоа државните институции од областа на културата, мора да го препознаваат фолклорот, рече Антонијо Димитровски, претседател на СОФАМ.

Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија е формиран во 1994 година и е член на светската фолклорна организација. Членството во ЦИОФФ, која е единствена невладина организација, партнер на УНЕСКО, во областа на нематеријалното културно наследство и најголема светска организација за фолклорна уметност и фолклорни фестивали.
Она што е фудбалот за Бразил, тоа е фолклорот за Македонија.
Но, за да се биде во друштво на најдобрите мора многу да се работи на тие меѓународни релации, да се вмрежуваме со значајни настани ширум светот кои ни овозможуваат презентирање на македонскиот фолклор.
За жал условите во кои денес работат нашите културно уметнички друштва не се идеални, потребна е поголема национална поддршка за фолклорот, пред се од Министерството за култура, како препознаена и споделена вредност во УНЕСКО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.