Глеб Филатов, кинематографер на рускиот филм „Бикот“, кој е во Главната компетиција за Камера 300, денеска на средбата со новинарите говореше за идејата за неговото снимање соработката со актерите, финансирањето филмови во Русија.
Ова е млад кинематографер од Русија, кој на експлозивен начин ги доловува проблемите во Русија, особено приказни од подземјето. Во овој филм има една суштинска енергија и заедно со „Клетници“, „Пирани“, „Езерото на дивите гуски“ и уште неколку филмови кои беа прикажани на ИФФК „Браќа Манаки“ говорат за локалните злосторнички банди. Во „Бикот“ се гледа декаденцијата на општеството во ерата на Елцин, рече Благој Куновски -Доре, селектор на Главната програма и уметнички директор на фестивалот.
Филатов рече дека проектот почнал како резултат на долгогодишна соработка со режисерот Борис Акропов, со кој снимиле неколку кратки филмови каде научил да држи и морал да сними сцена само во еден кадар. За тоа која најмногу влијаел на него како автор, Филатов наброи неколку референци.
„Dallas Buyers Club“ имаше најголемо влијание на мене за да почнам да снимам, бидејќи изгледа како лесно да е снимен, естетиката е агресивна, но ја раскажува на лесен начин со лесно природно светло и сето ова станало моја референца при работењето. Исто така и филмот „Добри времиња“, во кој кинематограферката Лиса Фати која од Франција дојде во Русија, сними одлични сцени речиси без никакво светло и затоа тоа делува едукативно и поттикнувачки. Додека во однос на режисерските референци тоа е телевизиската серија на Стивен Содерберг „The Knick“, каде се прави историска слика со подинамична камера и повеќе движења, објасни Глеб.
Филмот е финансиран од Министерството за култура на Русија со 25 милиони рубљи, тоа се 400.000 долари и тоа за нив било добро бидејќи, како што вели Глеб, конечно можеле да работат.
Дотогаш немаше буџет и ние сите седевме дома и си ги скициравме кадрите. Но потоа баравме локации за снимање со сопствени возила…буквално беше направен како студентски филм, се подготвувавме седум месеци и затоа можевме ваквиот тек на подготовка на сликите бидејќи сметам дека е важно каде колку и кога ќе снимате и затоа изгледа толку професионално иако не се вложени многу пари, рече Филатов.
Во рамки на програмата на „Браќа Манаки“ се одржаа и Филмски разговори со неколкумина филмски автори во организација на Медиа Деск, на Креативна Европа. Пред почетокот на сесијата, на присутните им се обрати Гена Теодосиевска, директор на фестивалот, која рече дека за неа успех е ова издание на фестивалот „Браќа Манаки“ со сите автори, филмови и средби кои се случија сите овие изминати фестивалски денови.
Темата на разговорот беше успехот и што претставува тој, фестивалски награди или полни кино сали? Дали номинација за награда е доволно признание за успешен филм и колку
наградите се замка за идните проекти?
Сесијата Филмски разговори се одржа прв пат во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“. Хрватската монтажерка и режисерка Дубравка Туриќ, Макс Цале германски режисер, Елеонора Венинова македонска режисерка и монтажерка и кинематограферот Рајнер Клаусман отворено зборуваа за успесите и неуспесите во нивната кариера.
Одлучив да работам само со Фатих Акин и веќе не прифаќам понуди од други режисери. За мене најголем успех е да имам време да го работам она што го сакам и единствено со луѓе што ги сакам, раскажуваше Клаусман за неговите аспекти на успех.
Филмските разговори се корисни бидејќи имаат моќ да пренесат лични приказни и доживеани искуства. Тезата за тоа што е успех е дискутабилна, а за дискутабилните нешта секогаш ќе има потреба да се зборува. Разговорите ги водеше Бистра Георгиева, претставник на МЕДИА Деск МК, а настанот беше во ко-организација со МЕДИА Деск од Хрватска и Германија.
Изминатите два дена се одржа и балканската конференција на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематографери, на која присуствуваше и претседателот Пол Рене Ростад, како и претставници на повеќе национални асоцијации на кинематографери.
Во организација на Агенцијата за филм, деновиве во Битола се одржува интензивната работилница за развивање идеи за филм (на програмата LESS IS MORE).
Во дополнителната програма во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ тркалезна маса одржа ПИНА на тема: „Жените новинари и предизвиците во ризични ситуации“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.