Гласот на албанската оперска певица со светско реноме Инва Мула вчеравечер ја исполни црквата „Света Софија“ како дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.

Настапувајќи заедно со нејзините колеги од Албанија, пијанистот Генц Тукиќи и виолинистот Олен Чезари, таа изведе дела од А.Пјацола, Џ.Пучини, Ф.Пуланк, Ш. Азнавур, В.Пара, А.Качинари и П.Јакова.

-За синоќешниот репертоар сакав да направам една мешавина на класичната музика, заедно со моите пријатели во трио со кои го пропатувавме светот. Сакавме да се претставиме и овде, пред фестивалската публика во Охрид, рече сопранистката Мула.

Мула последен пат настапи на „Охридско лето“ пред две години заедно со сопранот Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски и во пијано придружба на нејзиниот колега Тукиќи.

-Не сум тука првпат, но сепак  честа е огромна што настапувам во ова магично место. Сигурна сум и дека многу други уметници имаат настапувано и ќе настапуваат во оваа волшебна црква во која енергијата е неопислива.  Особено овој фестивал е еден од најзначајните во Европа бидејќи е доста стар и сум сигурна дека и во иднина ќе гостуваат извонредни уметници, рече Мула.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира.

За Инва Мула, улогата на Виолета во „Травијата” претставува еден вид уметнички „потпис”, па така истата ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид итн. Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло, а соработува со диригенти како Мишел Пласон, Жорж Претр, Хесус Лопез Кобос, Владимир Спиваков, Зубин Мехта, Мјунг Вун Чунг.

Значаен момент во нејзината кариера е што е дел од  филмот „Петтиот елемент” на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна”. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.