Двајца германски стручњаци ќе учествуваат во конзервацијата на драгоцената црква „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, на која ѝ треба итна заштита. Црквата, изградена во 12 век, иако скромна по изглед има неверојатно вреден фрескоживопис, кој претстваува еден од врвовите на византиската уметност од раниот Среден век. Таа претставува светско културно добро.

Контактот со двајца врвни германски експерти е направен пред неколку недели, а основите на соработката се договорени на средбата со германската амбасадорка во земјава пред неколку дена. Едниот од нив е историчар на уметноста, а другиот конзерватор и тие се подготвени веднаш да дојдат за со нивните колеги од Музејот во Битола да го посетат Курбиново и да се направи акцискиот план за натамошна работа. Поради отежнатите сообраќајни врски за патување се прават напори двајцата стручњаци да дојдат што е можно поскоро.

Во меѓувреме, Музејот во Битола прави елаборат и подготвува финансиска конструкција за црквата во Курбиново да се прогласи како културно добро во опасност. Тоа значи дека Музејот во Битола ќе добие стручна помош и финансиска поддршка за побрзо да тече реставрацијата.

Црквата мора да се подготви за зимава. Мора да се интеревенира да се затвора добро вратата, да се елиминира влагата најитно што може. Националниот конзерваторски центар веќе го подготвува овој проект за брза санација за безболно да ја помине зимата – изјави министерката за култура, Ирена Срефоска, на онлајн прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.