„Геном “ е насловот на заедничката изложба на Ана Димчевска Семенпеева и Виктор Семенпеев, што ќе биде отворена утревечер (петок, 19 ноември) во 19 часот во Домот на културта АСНОМ во Гостивар.
Ќе бидат изложени 30-ина дела, а изложбата ќе трае една недела. На отворањето за делата на Семенпееви ќе говори режисерот и писател Илија Ико Каров и Ход Мифтари – директор на Домот. Организатор на изложбата е Аријан Руфати.
Ана Димчевска Семенпеева е мултимедијален автор со интердисциплиниран визуелен израз во графиката и скулптурата. Нејзиниот уметнички интерес поврзува ликовни пракси во различни медиумски форми.
Делата се работени за време на главните сесии на графичката работилница „Софија“ – Богданци. Станува збор за графики работени во: бакропис, акватинта, линорез, серигрфија. Заеднички мотив се нашите две деца, кај мене се јавуваат посуптилно (отпечатоци на нивните дланки и стапала), а кај Виктор се и поексплицитни, дури со ликови – вели Димчевска-Семенпеева.
Самостојната изложба „Геном – апотеоза на линијата“ е визура на нејзиниот досегашен ликовен интерес, кој ја поврзува сушноста како принцип на животот, па сѐ до рационално согледување и егзистирање во комплексен систем на поврзаности и нивна интеракција – подвлекува новинарката и авторка Вероника Камчевска.
Авторската уникатност на Семенпеев е видлива во интердисциплинарнoто создавање на дела во бакропис, сито печат, акватинта па се до дигитално креирање на ликовни елементи во графика – забележува Камчевска.
Ана Димчевска – Семенпеева дипломирала на Факултет за ликовни уметности, на отсекот графика со потсмер конзервација и реставрација на штафелајно и ѕидно сликарство. Од 2009 година е вработена во Национална Установа Музеј на Македонија на работното место конзерватор за метал. Годинава учествуваше на групната изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовни уметности на Макеоднија. Таа беше организатор и учесник на изложбата на графики изработени во рамките на Графичката работилница Софија во Домот на култура „Бранд Петрушев“. Учествувала на Интеранционално графичко биенале во Музеј на град Скопје, каде освоила трета награда. Годинава изработи мурал во Градски парк во Богданци. Имала самостојан изложба „Зигот“ во Куршумли Ан – Скопје.
Виктор Семенпеев е роден 1987 во Богданци. Средно образование завршил во 2005 година во Државно средно училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“ – Скопје, отсек сликарство. Во 2009 година дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Нови Сад, Србија во класата на Аница Радошевиќ. Има повеќе самостојни и гупни изложби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.