Овогодишниот Театар фест „Петар Кочиќ“ во Бања Лука е отворен со претставата на македонскиот режисер Дејан Пројковски „Генетиката на Глембаеви“, која беше поздравена со десетминутни овации. Фестивалот ќе трае до сабота, кога ќе се игра претставата „Ана Каренина“, исто така во негова режија. Овој успех на режисерот Пројковски доаѓа по серија награди: најдобра претстава на „Сплитско лето“, претстава на годината во Хрватска, AFIFE- театарски оскар за претстава на годината во Турција, најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на Црногорскиот театар, награда за најдобра претстава и режија на фестивалот на професионални театри во Војводина…
Авторот на текстот Венко Андоновски, потврден и наградуван писател во регионот, како и во Русија и Франција, зборувајќи за оваа претстава, во една од своите претходни изјави кажа:
Денешните Глембаеви немаат аристократска жица на префинето зло. Тие се примитивни и претежно се од паланка. Тие припаѓаат на филозофијата на паланка и нивната цел не е веќе само да ви одземат нешто туку да ве претвораат во човек кој ќе им земе на другите исто како што тие одзеле од вас. Тие ве прават како нив. Тоа значи пробразување на жртвата во ѕвер што ќе претвори нови жртви во нови sверови, сè додека не почнат да се раѓаат ѕверови на земјата наместо луѓе.
Режисерот Дејан Пројковски, пак, вели дека текстот ги презема психолошките вредности на познатиот заплет на Мирослав Крлежа, но дека во суштина станува збор за автохтона ангажирана модерна драма за нашето време.
Станува збор за нашите тајкуни, денес, и за тоа што останало, т.е., што не останало од терминот„ глембаевштина“, бидејќи од терминот„ карамазовштина“ по Достоевски има уште малку. Заплетот на драмата се одвива на Балканот, што го стеснува семантичкото поле на нас и тука, но останува универзалната димензија на „глембаевизмот“: бескрупулозност, алчност, страст, ненаситност, нечувствителност. Текст со силен апетит за реалност, но и силен интертекст со познатиот претходен, голем текст на драмската традиција. Бидејќи и денес лагата колку се посовршена толку е морално поодвратна“.
Годинешниот Театар фест ќе трае до сабота, кога ќе се игра претставата „Ана Каренина“, во режија на Дејан Пројковски и ќе бидат објавени победниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.