Светски познатиот виолинист од Србија, Стефан Миленковиќ вечерва ќе одржи во 20,30 часот гала концерт со Македонската Филхармонија. Скопскиот концерт е целосно распродаден, а е во организација на „Прагма продукција“.

Стефан Миленковиќ неколкупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап. Овој мајстор на виолина ја надгради исклучителната концертна кариера настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници. Има издадено голем број носачи на звук, а значајна е и неговата хуманитарна работа.

Неговата кариера започнува многу рано, на 5-годишна возраст, па така го добива епитетот „чудо од дете”. Вниманието на пошироката јавност го привлекува на 10 години, кога по покана од Белата куќа, Миленковиќ настапува на т.н. Божиќно шоу, пред тогашниот претседател на САД – Роналд Реган. Веднаш потоа, започнува неговото интернационално претставување.

Во текот на својата кариера Стефан Миленковиќ настапувал со некои од најпознатите оркестри во светот, како Берлинскиот Симфониски оркестар, Хелсиншката Филхармонија, Оркестарот на „Бољшои“, Државниот оркестар на Мексико и со диригенти како Лорин Мазел, Даниел Орен, Владимир Федосејев, Ен Шао и многу други. Добитник е на повеќе награди и признанија, како за изведувачката, така и за хуманитарната дејност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.