Четириесетина дела – слики, графики и цртежи ќе претстави младиот уметник Марко Вујисиќ на самостојната изложба „Формите на градот“ која вечер од 20 часот ќе биде отворена во галеријата „Акантус“.

Кураторката на изложбата Дијана Томиќ-Радевска посочува дека како млад автор и жител на Скопје, Вујисиќ преку оваа изложба ни ја претставува неговата поетска слика на доживување на градот. Делата се изработени во различни техники – графика, акрил, масло на платно и комбинирана техника.

Графити цртежите на Марко имаат свежина на прочистен цртеж, поента која соодветствува со околината, но повеќето од нив повеќе ги нема на ѕидовите на градот. Неговиот афинитет и искуство во графити уметноста, а се отсликува и во неговите слики, ја води неговата рака кон создавање форми кои изгледаат дека се бргу и бритко исцртани во техниката на акрил и масло на платно, но сепак класично се истретирани во прецизноста, истакнува Томиќ-Радевска.

Самостојната изложба на Вујисиќ е поддржана од годишната програма за култура на Град Скопје и за посетителите ќе биде отворена до 20 февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.