Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е непријатно изненадена од ненадејната вест за одлуката на Општина Центар за затворање на двете нејзини читалници, особено за одлуката за затворање на читалницата „Славко Јаневски“.
Оттаму велат дека ниту во еден момент не биле консултирани при донесувањето на ваквата одлука, ниту пак биле во можност да понудат евентуални решенија за, како што велат, да може да се ублажи евидентната штета што оваа одлука неминовно ја носи со себе.
„Ова го велиме затоа што читалницата „Славко Јаневски“ поседува квалитетен книжен фонд (а тука се наоѓаат и мошне вредни книги), скулптури и уметнички дела. Најголемиот дел од книжниот фонд и уметничките дела се приватни донации и подароци, меѓу кои најзначајна е донацијата на семејството на Славко Јаневски. Со одлуката за затворање на читалницата останува нејасна судбината на сите овие донации и вредни дела. За жал, немаме информација како ќе се постапува со нив, каде ќе завршат и дали донаторите ќе се сложат со новите ршенија. Без оглед на реакциите на јавноста и нашите обиди, надлежните од Општината сѐ уште не немаат контактирано во обид да пронајдеме заедничко решение. Сепак сме во надеж дека заеднички ќе дојдеме до соодветно издржано решение, со кое ќе се минимализира штетата настаната од оваа ситуација“ се наведува во реакцијата на Фондацијата.
Фондацијата „Славко Јаневски“ го организира конкурсот за престижната награда „Роман на годината“, која годинава го слави својот 20-годишен јубилеј. Како и минатата година и годинава, според пропозициите на конкурсот, романите се доставуваа во просториите на читалницата „Славко Јаневски“.
Поради новите околности, Фондацијата „Славко Јаневски“ објавува дека до крајот на конкурсот (15 јануари) романите ќе се доставуваат во Културно-информативниот центар на Град Скопје (КИЦ), секој работен ден (одговорно лице: Емилија Михајлова).
Останатите услови од конкурсот остануваат исти: се пријавуваат пет примероци од романот или се праќаат по пошта на адреса Фондација „Славко Јаневски“, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ бр. 19-40-6, 1000 Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.