В среда, 23 јуни, од 20 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи македонската премиера на филмот „Сите против сите“ – словенечко-македонско-хрватска копродукција.

Со проекцијата на последниот игран филм од режисерот Андреј Кошак, Словенечката амбасада во Скопје ја одбележува и 30 годишнината од независноста на Република Словенија.

По сценарио на Андреј Кошак, кој воедно е и режисер на филмот, овој политички трилер третира теми како што се: изборните измами, распаѓањето на моралните вредности и корупцијата на општеството… Градоначалникот на Ровте, гратче во подножјето на Алпите, се наоѓа пред пораз на престојните локални избори. За да си обезбеди уште еден мандат, тој бара помош од озлогласен криминалец. Во четирите денови до датумот за избори – сè може да се случи.

Овој филм доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм – преку продукцијата „MIND Production“ и продуцентите Илија Циривири и Дејан Илиев. Исто така, македонски „влог“ во филмот се и актерите Благој Веселинов и Милан Тоциновски, како и монтажерот Мартин Иванов.

Филмот на Кошак само во првата половина на 2021 освои дузина награди на разни филмски фестивали: Europa Film Festival, 2021 (Награда на жирито за најдобар игран филм); NIFF – Noida International Film Festival, 2021 (Најдобра камера); Indian World Film Festival, 2021 (Најдобар филм); FINDECOIN – Independent International Short & Feature Film Festival, 2021 (Најдобар наративен филм), ADIFF – Actor & Director Awards International Film Festival, 2021 (Најдобра режија); Teknochat Fantastic Film Festival, 2021 (Најдобар игран филм); Festival Internacional de Cine de Bayamón, 2021 (Најдобар игран филм)…

Пред проекцијата на публиката ќе ѝ се обрати  амбасадорот Милан Предан, а потоа и режисерот на филмот Андреј Кошак.

Проекцијата на „Сите против сите“  ќе се одржи во летното кино на Кинотеката, а влезот е бесплатен. Филмот ќе се прикаже со македонски и англиски титли.

Доколку временските услови не дозволуваат следење на филмот на отворено, проекцијата ќе се одржи во киносалата на Кинотеката со ограничен број на гледачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.