Неделава на фестивалот во Нанси се случи француската премиера на „Бикини Мун“, претпоследниот филм на Милчо Манчевски. Три години по светската премиера во 2017, филмот годинава беше селектиран во најпрестижната категорија на фестивалот „Под ѕвездите“ и за него во Нанси беа организирани две проекции, а истите беа масовно посетени од страна на француската публика.
Исто така, „Бикини Мун“ забележа успех и во САД, откако месецов стана достапен и на националната кабловска мрежа AMC, која е достапна во сите држави во САД.
Фестивалот во Нанси по четврти пат селектира дело од Манчевски – пред „Бикини Мун“ претходно на овој фестивал играле „Пред дождот“, „Мајки“, како и краткометражниот филм „Крајот на времето“.
Нанси е еден од најголемите филмски фестивали во регионот Гранд Ест (Источна Франција), се одржува од 28 август до 6 септември со вкупно 130 краткометражни и долгометражни филмови и над сто проекции. Тој годинава се одржа физички, со публика и со почитување на мерките за заштита од ковид-19.
Истовремено, најновиот филм на Манчевски „Врба“ ја продолжува фестивалската турнеја – на 24 август ја зебележа својата кинеска премиера во официјалната селекција на фестивалот во Пекинг, која се реализира со голем успех. Картите за проекциите на филмот беа однапред распродадени, а самиот филм доби медиумско внимание со позитивни оценки и од критиката и од гледачите.
Една од критиките го опишува филмот како: „Тажен и длабок. Генијалната комбинација на теми од три епохи ги покажува емпатичните емоции на режисерот.“
Филмскиот фестивал во Пекинг е еден од најголемите и најзначајните фестивали во Кина, а заедно со фестивалите во Шангај, Тајпеј и Хонгконг е еден од најзначајните во источна Азија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.