Четвртото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, годинава ќе се одржи од 4 до 13 октомври прикажувајќи филмови во пет програми кои ќе се проектираат во три термини во Кинотека. Фестивалот ќе го отвори бугарско-грчката копродукција „Таткото“ на бугарските автори Кристина Грозева и Петар Валчанов (на 4 октомври, во 20 часот) во киното „Милениум“, актуелен победник на фестивалот во Карлови Вари летово, но и филм на авторите кои се победници на првото издание на „Киненова“.
Како што најавија организаторите, специјалниот гостин на фестивалот или годинашниот добитник на Наградата за особен придонес ќе се објави дополнително, а тоа е голема филмска екс-југословенаска дива.
Ја продолжуваме и годинава приказната и она што е идентитет на фестивалот со дебитантите-уметници кои се во фокус на ‘Киненова’. Тоа значи дека ‘Киненова’ продолжува да пронаоѓа и афирмира филмски автори од целиот свет кои се истакнале по уникатниот филмски наратив, особеноста и актуелноста на тематиката која ја обработиле и храброста со која ѝ пристапиле“, рече на денешната прес-конференција Небојша Јовановиќ, директорот на „Киненова“.
Програмскиот директор на фестивалот, Игор Анѓелков, пак, посочи дека „КинеНова“ на своето четврто издание е со можеби најдобрата филмска програма досега, а од седумте филмови кои ќе се прикажат во официјалната селекција, четири доаѓаат од Балканот.
Токму балканската кинематографија во последниве години е таа која дава некои од највозбудливите авторски имиња, а меѓу нив рамноправно фигурираат и почетниците, оние со прв или втор авторски филм зад себе. Токму таквата ситуација и го детерминираше нашиот избор, фокусот во официјалната селекција да биде ставен токму на неколку нови и свежи во својот пристап балкански филмски остварувања“, посочи Анѓелков.
Во главната, официјалната конкуренција се грчкиот „Сожалување“ на Бабис Макридис-претставник на т.н. „чуден бран“, бугарскиот „Прасето“ на Драгомир Шолев, хрватскиот „Алекси“ на Барбара Викариќ, рускиот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов, бразилскиот „Сократес“ на Алешандре Морато, германскиот документарен филм „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, како и контроверзниот „Шевови“ на Мирослав Терзиќ од Србија кој поради темата која ја обработува предизвикал широка политичка и општествена дискусија во оваа земја.
За првпат во Македонија на овој фестивал ќе се промовира и програмата, селекцијата Лукс прајз на Европскиот парламент. Таа е воспоставена во 2007 и се доделува секоја година, а Европскиот парламент прави две селекции, од кои едната ја објавува на фестивалот Карлови Вари, а другата на Венецискиот фестивал. Изборот за оваа програма е направен од десетина филмови кои се објавени во Карлови Вари. Тука се пет филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска (4 октомври) и „Медена земја“ во режија Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов (6 октомври). Во рамки на „Киненова“ ќе се одржи и работилница со режисерите на „Медена земја“, а ќе прикаже и програмата Фокус кон современата унгарска кинематографија со четири остварувања од два унагарски автори Илдико Ењеди и Корнел Мундручо.
На ова издание, програмата „Посветено на…“ ќе биде во чест на турската авторка, наградуваната Јесим Устаоглу, каде што се издвојува филмот „Патување до сонцето“ за којшто музика има направено македонскиот музичар Влатко Стефановски, кој ќе биде гостин на прикажувањето на ова остварување во Кинотека.
Инаку, Јесим Устаоглу ќе биде една од членовите на жирито кое ќе одлучува за наградите на „Киненова“, а претседател ќе биде истакнатиот руски документарист Витали Мански.
На фестивалот ќе има специјалната проекција на контроверзниот „Путиновите сведоци“, кој е минатогодишен победник на Карлови Вари, во документарната секција, а ќе следува и разговор со него на кој ќе ги пренесе своите искуства за тоа како се работи во Русија во овој жанр. Селекција на кратки филмови ќе се одржи и во кафе-киното „Котур“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.