Во Кинотека на Македонија, Летно Кино “Мирно Лето“, викендов како дел од манифестацијата “ФИЛМСКА КУЛТУРА“, се одржа свечена церемонија со која и официјално започнаа тридневните проекции на македонски филмови во Скопје – дел од планираните активности по повод одбележувањето на 30 години од осамостојувањето на Македонија.
Во рамки на настанот, свое обраќање до присутните имааТоми Салковски, Продуцент и Ана Василевска, Филмска критичарка, по што присутните можеа да ги проследат филмовите “Камената Градина“ (2018) на Даријан Пејовски и “Кобра“ (2018) на Игор Иванов – Изи. По проекциите на филмовите, присутните беа поздравени од Игор Иванов – Изи и двократниот олимпиец во боречки вештини, Шабан Трстена, на кого и се однесува филмското дело “Кобра“, а имаа можност и да уживаат во изведби на филмска музика.
На свечената церемонија, покрај љубителите на домашната филмска сцена, присустваа и политичари и претставници на филмската фела во Македонија.
Филмот и филмските автори се најголемите културни амбасадори кои континуирано помагаат во претставување и промовирање на нашиот идентитет, слобода и независност. Во овие 30 години независна филмска продукција во Македонија се бележат голем број филмови кои ја претставија нашата држава на сите релевантни светски фестивали. Актуелната ситуација предизвикана со светската пандемија, домашните случувања кои ја засегаат филмската индустрија, но и податокот за успесите кои ги бележиме овие 30 години сите ние – дел од македонската кинематографија нека бидат поттик за враќање на филмот на вистинскиот колосек. Затоа, поддршката на ваков тип на манифестации е од голема важност. “ФИЛМСКА КУЛТУРА“ не е само проект со кој ќе се задоволат апетитите на филмската публика и на филмските работници. Овој проект е обид да нѐ врати нас во старото нормално, во начин на живот каков што треба да биде, изјави продуцентот Томи Салковски.
Ана Василевска, филмска критичар,а истакна дена оформувањето на независната македонска држава во 1991 година неминовно донесе многу политички и социјални промени кои се рефлектираа на секое поле од општествениот живот.
Денес кога се пребројуваат и се апсолвираат овие премрежија, транзиции, успеси и падови и се слави 30 годишнината од осамостојувањето на државата исклучително е важно да се обрне внимание на културата, односно да се евалуира создаденото. Филмот како највлијателна уметност, секако не остана имуна на политичките промени и самата во овие три децении изоде трнлив пат за да стигне до ѕвездите. Не е нескромно ако се каже дека техничкиот и креативниот развој на филмот до денес доживеа големи позитивни промени и донесе највидливи резултати од сите дејности од културата. Доказ за тоа се успесите кои ги нижат македонските филмови, кои само во 2020 година заземаа 222 учества на меѓународни фестивали и освоија 59 награди. Затоа, институционалната поддршка на филмската дејност е значајна инвестиција – во севкупниот културолошки и политички напредок на државата и во континуираното создавање на културното наследство за идните генерации, подвлече Василевска.
Во рамки на културната манифестација “Филмска Култура“ на 25. и 26. август во Кинотека на Македонија – Летно Кино „Мирно лето“ ќе се одржат уште неколку проекции на филмови. Проекциите, кои се бесплатни за посетители, започнуваат од 20:30 часот. Сите заинтересирани ќе може да ги погледнат филмовите “Види ја ти неа“ (2017) и “Соба со пијано“ (2013) во среда, како и “Љубовникот“ (2018), “Намини бар еднаш“ (2013) и “Три дена во септември“ (2015) во четврток.
Културната манифестација „Филмска култура“, во организација на “Црна Мачка Продукција“, поддржана од Владата на Р.Македонија, ќе биде организирана според сите пропишани протоколи за заштита на јавното здравје од Ковид-19, соопштија организаторите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.