Филмот „Господата од современа“ во режија на Ана Алексовска, во продукција на Лист Продукција, е селектиран на овогодинешното издание на „The Changing Face of Europe“ иницијатива на ЕФП (European Film Promotion) во соработка со Hot Docs Canadian International Documentary Festival.
10-те селектирани проекти ќе бидат дел и од виртуелната програма на Hot Docs Industry, што ќе се одржи за време на оригиналните датуми на фестивалот, се до 31-ви мај, додека фестивалските кинопроекции во моментот се суспендирани и се очекува да бидат презакажани.
„Господата од современа“ е дел од програмата составена од 10 извонредни европски документарни филмови, кои нудат единствен и неконвенционален увид во реалноста на современиот европски живот. Филмовите ќе бидат претставени пред дистрибутерите и програмерите преку учеството во „Doc Shop“ – „виртуелниот“ маркет на „Hot Docs“ кој нуди пристап до курирани листи на наслови на документарни филмови. Меѓудругото, авторите на 10-те избрани филмови се поканети да учествуваат и во новата програма за дигитална индустрија, вклучувајќи примери од праксата и Distribution Rendezvous, а ќе добијат можност и да остварат средба со дистрибутери и селектори на филмски фестивали преку виртуелни индивидуални состаноци, во организација на European Film Promotion.
Филмовите кои се дел од „The Changing Face of Europe“, беа селектирани од страна на фестивалот, врз основа на препораки на организациите-членки на European Film Promotion кои ги претставуваат институциите за промоција на филмови во Европа, конкретно во нашата земја тоа е Агенцијата за филм. Селекцијата е составена од филмови кои нудат уникатни перспективи, привлечни приказни и современи теми кои имаат намера да го остават својот белег во светот на документарниот филм.
Оваа година селекцијата повторно бележи зголемено присуство на жени-автори; дури седум од десетте филмови се од жени-автори или тимови од жени-автори, меѓу кои и македонскиот „Господата од современа“.
Оваа иницијатива на European Film Promotion е поддржана од страна на програмата Креативна Европа-МЕДИА на Европската унија и од организациите-членки во мрежата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.