Агенцијата за филм на Република Македонија на денешната средба со новинарите соопшти дека Македонија за прв пат во историјата на македонската кинематографија ќе земе учество во главната програма на Берлинскиот Филмски Фестивал со филмот “Господ постои, името и’ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска.

-Ова е прво учество на Македонија во главна конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот, Кан, Берлин или Венеција после повеќе од дваесет години. Чекањето за влез на големите порти, по успехот на вонсерискиот “Пред Дождот” конечно е завршено. Да посакаме уште вакви победи на македонската култура и кинематографија и во иднина и да добиеме континуитет и препознатливост, да го подигнеме нивото, да ги воспоставиме вистинските критериуми и вредности и да одиме само напред, рече Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.
Дејствието на филмот “Господ постои, името и’ е Петрунија” го претстави Лабина Митевска.

-Се случува во Штип, мало гратче во Македонија, каде секој јануари локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со нуркање сакаат да дојдат први до него. Среќата и просперитетот се загарантирани на човекот кој ќе го фати прв. Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето. Таа го освои својот крст и нема да се откаже, рече Митевска.
Таа соопшти дека филмот, во сеуште незавршена форма, бил прикажан на комисијата во Берлин на 3 Декември.

-Веќе на 11 Декември ни пристигне официјалната покана од Берлин. Во писмото од директорот на фестивалот Дитер Козлик се вели “каков прекрасен филм, целата комисија беше видно импресионирана од вашето дело. Ве молам примете ги моите честитики. Ве молам примете ја мојата покана за учество на филмот со вашиот фантастичен каст и екипа. Многу ќе бидам среќен да ве дочекам на црвениот тепих со вашиот фантастичен филм., раскажа Лабина.

Многу труд и работа се потребни за учество на берлиенале.

-Конечно сме во официјална натпреварувачка програма на еден од трите најзначајни, навистина најзначајни, и навистина најпрестижни фестивали. Ова е добиено со многу труд и многу работа, голема посветеност и макотрпно градење на репутација на бескомпромисен, смел и особен уметнички израз и филмски јазик на Теона Стругар Митевска. Јас сум убедена дека и претходните нејзини филмови заслужуваа ваков пласман, но едноставно ваков пробив не доаѓа брзо и едноставно. Со ова потенцирам дека стилот и јазикот кои што ги негува Теона се навистина специфични, можеби требаше време, повеќе од колку што ние би сакале, се разбира, но сепак, конечно е направен и тој пробив. Радува или растажува и фактот дека доаѓаме од регион чија што кинематографија не наидува баш на особен меѓународен прием и учеството на филмови од овој регион во главна конкуренција во врвните три фестивали е навистина ретко, со чест на фантастични искучоци. За квалитетот на филмот кој ќе ја има својата светска премиера во Берлин сведочи и огромниот интерес кај најголемите агенти за продажба и имавме привилегија во преговорите да го избереме најсилниот во моментов во кој навистина веруваме и очекуваме дека ќе донесе широка европска и светска дистрибуција. Се работи за францускиот Пирамид, кој што застанува зад филмови кои ја одбележуваат врвната европска кинематографија во последните пар децении. Со овој договор, Пирамид воедно ги откупи и правата за дистрибуција на филмот низ Франција, и само за ваша информација, ова ќе биде само трет македонски филм кој ќе има кино дистрибуција во Франција, по “Пред Дождот” и “Јас сум од Титов Велес”, истакна Лабина Митевска.

Тие веднаш ја споделиле убавата вест која пристигнала од Германија со Агенцијата за филм на Република Македонија.


-Агенцијата за филм со големо задоволство ја дочека веста за влезот на македонски филм во официјална конкуренција на еден од трите најважни филмски фестивали во светот. Овој извонреден успех е продолжување на континуитетот од годината што измина кога имавме извондредно достигнување на престижниот „Sundance “ со краткометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски кој ја понесе и наградата за најдобар краткометражен филм. Како продолжување на успехот е и овогодишната селекција на македонскиот документарен филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска кој влезе во строгата селекција на овој престижен филмски фестивал посветен на авторскиот и независен филм. Секако, не помал е и успехот за веста дека наш актер, Благој Веселинов се вброи и во програмата „Shooting Stars “ на Берлин, во конкуренција на десет најдобри млади европски актери. По долгогодишната апстиненција и невидливост на македонската кинематографија во селекциите на големите филмски фестивали, со нашиот интензивен фокус преку практикување на силни критериуми за поддршка, во краток период успеавме да дочекаме македонскиот филм да се одмери со најдобрите. Иако, македонската кинематографија кога е во прашање квантитетот не заостануваше бидејќи во период од 9 години се финансирани над 300 филмови, погрешните стандарди, вонфилмски влијанија, за жал, не му донесоа ништо добро на македонскиот филм.
Но, кога се следат цврстите и јасни мерила за поддршка на професионалните продуцентски куќи, што подразбираат издржани и креативни проекти што кореспондираат со универзалните теми, доволно храбри да бидат конкурентни со трендот и манирот на европската и светската кинематографија, успехот е евидентен. Иако за проектот „Господ постои, се вика Петрунија“ постоеја негодувања и негативни мислења, сепак, Агенцијата го препозна квалитетот и во манир на права професионална институција ја помогна брзата и ефикасна реализација на проектот. Ни претставува особено задоволство што успехот на истиот ја оправда нашата доверба. Се трудиме да работиме посветено, внимателно и со голема одговорност, без протежирање на „наши“ и „ваши“, без нарачани проекти кои ќе бидат поддржани со јавни средства. И покрај фактот што наследивме огромни обврски, Агенцијата се соочува со најмал буџет од нејзиното постоење. Се надеваме дека стратегијата да создадеме квалитетна кинематографија ќе биде препознаена во огромната конкуренција на европски и светски филм, истакна Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.

Во 2016 година, Митевска ја создава компанијата СИСТЕРИ И БРАТ МИТЕВСКИ со својот брат и сестра и ги копродуцираат успешните “Дива круша”, “Ноќен живот” и “Сиераневада”. Во 2018 година, француското Министерство за култура и го доделува орденот Chevalier de l’Ordre des Arts et des Lettres.
Теона живее во Брисел, Белгија заедно со нејзиниот син Каелиок.

“Господ постои, името и’ е Петрунија” е комплексна копродуција , како и сите останати филмови на Сестри и Брат Митевски. Овој пат помеѓу пет земји, Македонски, Француски, Белгиска, Словенско, Хрватска копродукција. Беше подржан од престижниот Ероимаж фонд, и Медиа фондот за развој на проекти. Буцетот на филмот е 1.400.000 евра, а од Македонската Агенција за филм доби 30,000,000 денари. Во континуитет за целото време постоење на продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски квалитетот на сите проекти постојано е потврдуван со огромната поддршка низ разните филмски фондови низ земјите од Европа, како и паневропските асоцијации. Ова реноме овозможува лесно проодно склопување на овие сложени копродукции. Со овој филм навистина имавме брз и ефикасен заокружување на сите потребни финансии, логистика, технички и кадровски прашања.
-Филмот се снимаше 6 недели во Штип во јануари и февруари 2018. Монтажата се одвиваше во Белгија, звукот, лабараторијата и музиката се работеа во Белгија, Франција и Словенија. Доминантна женска екипа и овој пат работеше на филмот. Косценарист на Теона е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Виргиние Саинт Мартине од Белгија, повторно десна рака на Теона е сценографот, Вук Митевски, костимите на долгогодишниот соработник на Теона од Словенија, Моника Лорбер и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажерка на филмот е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звукот Ингрид Симон. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Јане Кортошев, директор на филм Елена Станишева. Главната роља на Петрунија ја игра одличната Зорица Нушева, останати улоги се Сименон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јасари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Лабина Митевска, Игор Тодоров, Ненад Ангелкович, Владимир Тулиев, подвлече Лабина Митевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.