По препораките на Владата и сите релевантни европски институции кои апелираат за итна помош на филмот, во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов, а по конструктивната средба со министерот за култура Хусни Исмаили, во рамките на своите законски овластувања, Агенцијата за филм од средствата од годишниот буџет, пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти кои се во поодмината фаза на реализација, односно оние кои се завршени или се пред завршување, соопшти Агенцијата за филм, додавајќи дека во изминативе два работни дена биле исплатени вкупно 27 филмски проекти.
Заради светската пандемија предизвикана од коронавирусот откажани се сите филмски снимања, а воедно се откажани и сите копродукции кои беа планирани, како и Канскиот фестивал. Стопирањето на сите активности во филмската сфера ја доведуваат под голем знак на прашалник финасиската состојба на независните филмски работници, како категорија на граѓани кои немаат постојано вработување и се директно зависни од од активностите на независните продуценти чии проекти се финансирани од страна на Агенцијата за филм, информираат од Агенцијата за филм.
Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи.
Во таа насока, како што посочуваат, за понатамошна помош формирана е комисија од ДФРМ и Агенцијата за филм која ќе работи на изнаоѓање на правна рамка и разгледување на барањата и можноста за директен надоместок на филмските работници.
Ова е само прва итна мерка, а во зависност од времетраењето на оваа голема криза Агенцијата за филм во соработка со ДФРМ, со сите свои сили ќе работи на изнаоѓање и на други мерки со кои ќе им се овозможи директна материјална помош на филмските работници, велат од Агенцијата за филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.