Во Кинотека, во рамите на шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, на 2 и 3 октомври ќе се организира вториот филмски викенд.

На втори октомври со почеток во 19 часот, ќе бидат прикажани 4 краткометражни македонски филмови, а три од нив – „Кружниот пат на Марето“, „Кружниот пат на сенката“ и „Кружниот пат на монахот“- анимираните филмови на режисерот Жарко Иванов, зад чија музика е потпишан Оливер Јосифовски од бендот Љубојна.

Претходно во 18 часот, во рамките на фестивалот ќе се одржи промоција на книгата „Во главата слушам песна“ од авторката Елизабета Баковска, која е во издание на на „Или-Или“.

Премиерно ќе биде прикажан и филмот „Гребнатини на душата“ во продукција на „ВидиВака“. Во филмот се претставува брачна двојка од Холандија која ја поседува најбогатата колекција на македонска музика на светот. Тие посветуваат поголемо внимание на сочувување и собирање на македонското музичко наследство од институциите во државава.

Веднаш потоа, од 20 часот, следи филмот „Модулации: Кино за увото“, којшто е всушност историја на електронската музика, од почетоците на авангардните композитори па сѐ до појавата на современите електронски форми и жанрови како техно, drum’n’bass, хаус, амбиент.

Вториот викенд на „Скопје синема сити“ ќе се затвори на 3 октомври со проекција на филмот „Мериен и Леонард: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен, која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра сѐ до нејзиниот крај.

Фестивалот е организиран во согласност со здравствените протоколи, а карти за проекциите можат да се набават на касата на Кинотеката.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.