Од првиот концерт во новиот објект во октомври 2017-та, Филхармонијата редовно прави звучни снимки од сите концертни настани. Со новата зграда и опремата што ја има од пред една и пол година, проработи и аудиопродукција за која порано беше задолжена Македонската радио-телевизија.

Од наредната година Филхармонијата планира да издава и цедиња од неколку концерти во сезона. Амбициите понатаму се да прави и видеоснимки од концертите односно целосна продукција бидејќи продуцираниот звук сега ѝ го дава на МРТ која го лепи на нивно видео.

Во студиото со многу вредна техника за тонско снимање и за озвучување на концертите, целиот систем е дигитален и мрежно врзан. Располага со сериозни брендови и стандарди за снимање – микрофони Neumann и AKG, озвучување JBL Vertec дигитална опрема од англискиот DIGICo, снимач со конвертори на Prism Sound, студиски монитори Genelec…

А за контролата на звукот на концертите се грижат само тројца луѓе – тон-мајсторите Ален Хаџи Стефанов и Ангел Ќосев заедно со раководителот на одделот за продукција Џијан Емин. Со нетрпение и подготвено, велат, ја чекаат одлуката Филхармонијата да почне да издава носачи на звук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.