Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе прослави 77 години од формирањето. На концертот насловен „Убава Русија“ како солистка ќе настапи брилијантната руска виолинистка Марија Солозобова, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за виолина и оркестар број 1 од П.И.Чajковски и Брамсовата Прва Симфонија. Овој концерт на Филхармонија е во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“.

Марија Солозобова е една од највпечатливите виолинистки на својата генерација. Нејзината кариера е во постојан подем. Активно настапува во некои од најпрестижните сали во светот како „Викторија хол“ во Женева, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“ во Виена, Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други, каде што соработува со голем број еминентни диригенти, меѓу кои Владимир Спиваков, Михаи Танг, Владимир Федосејев, Дејвид Зинман и многу други. Настапувала со музичари како Марта Аргерич, Миша Мајски, Јури Башмет, Владимир Ашкенази, Михаил Плетнев…
Уметнички директор е на „Класични врвови“ во Цирих, годишни концертни серии што се одржуваат во повеќе концертни сали во Швајцарија. Оваа сезона ќе настапи во неколку европски градови, како и во Јужна Африка. Свири на виолина изработена од Николо Гаљано во 1728 година.

Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Aлфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.
Изложба на фотографката Маја Аргакијева ќе биде поставена во рамки на прославата на 77 години од формирањето на Филхармонија.
Изложбата насловена „Портретна симфонија“ ќе биде отворена во фоаејто на Филхармонија, на 26 ноември во 20 часот.
На изложбата ќе бидат поставени околу 30-тина фотографии, сликани на концертите на Филхармонија на кои главни „протагонисти“ се музичарите од оркестарот, како и бројните солисти и диригенти кои настапиле на нашата сцена.
Филхармонија е формирана на 24 ноември 1944 година, непосредно по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.