На 07.07.2019, недела, ќе се одржи стенд-ап перформанс на оперски и оркестарски солисти ФАНТОМСКИ ПРИКАЗНИ „SING ALONG“ по музика на А.Л. Вебер и лирика на Ч. Харт, со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
Овој настан е во соработка со Асоцијација ПОЛИФОНИЈА, Канадскиот Музички Центар од Скопје, Каутаун-опера, Калгари
Диригент: Андреј Наунов, Хор мајстор: Јасмина Ѓорѓевска, Генерален продуцент: Орце Ицковски, по режија на Златко Славенски, Музички продуцент: Сања Шуплевска, Директор на сцена: Магдалена Ризова-Черних.
Учествуваат: Марија Наумовска – Кристин, Зоран Данилов – Фантом, Јане Дунимаглоски – Раул, Игор Гиновски – Фирмин, Борко Биџовски – Андре, Надежда Рубен – Карлота, Симона Петровски – Мег, Марко Гапо – Пјанџи, Билјана Камчева – Ансамбл, Ирина Стојановиќ – Ансамбл, Оркестар: Сања Шуплевска – виолина 1, Милена Тодороска Мургоски – виолина 2, Влатко Велковски – виолончело, Зоран Павловски – контрабас, Гордана Илиевска Николова – флејта, Томе Атанасов – обоа, Никола Мицевски – кларинет, Стојанче Косовски – труба, Енис Мехмедов – тромбон, Александар Гошев – хорна, Јанинка Невчева – клавијатури, Филип Шурбевски – перкусии.
Приказна доаѓа од почетокот на минатиот век од Операта Гарние, Париз во чии лавиринти зад сцената некогаш се криел Фантом. Всушност според Златко Славенски чија последна режија беше токму овој проект и на кого е посветена оваа вечер – Фантомот е само метафора… за она што го носиме внатре а не мотивира да правиме уметност… а уметноста подразбира лутање, трагичност… Фантом е всушност страдање ама ангелско пеење… наспроти обратнотo кое е популарноста. Ако немаш инспирација ако немаш креација ако го немаш Фантомот тогаш ке бидеш ПРИМАДОНА…
Да се вратиме на приказната за младата сопранистка која станува опсесија на изобличен убиец истовремено и музички гениј кој живее во оперската куќа. Аријата на примадоната Карлота е грубо прекината, хорот инсистира дека тоа е дело на Фантомот, а уплашената Карлота бега од сцената. Мег предлага сцената да ја превземе нејзината пријателка, танчерката Кристин. Срамежливата Кристин пее пред новите мецени на операта а големиот покровител Раул ја препознава Кристин како пријателка од детството. По успешниот настап, во гардеробата Кристин и се доверува на Мег дека има мистериозен учител кого никогаш не го видела. Тој глас кој постојано и се јавува во мислите го поврзува со изјавата на нејзиниот татко кој на умирање и ветил дека ангел на музиката ќе продолжи да се грижи за неа. Додека Кристин и Мег разговараат, Фантомот, лут поради нејзината средба со Раул, се појавува пред Кристин и и наредува да тргне со него –нејзиниот ангел на музиката. Суштеството ја води Кристин длабоко низ темните лавиринти на оперската палата. Во неговата скривница, тој свири и ја пее својата сензуална музика на ноќта. Следниот ден пораките од Фантомот се доставени во дирекцијата на операта – неговата наредба е на Кристин да и е доделена водечка улога во следната опера. Карлота е бесна а за да ја задржат со друштвото, домаќините Андре и Фирмин ја уверуваат дека таа впрочем ќе ја игра главната улога. Но со тоа се замеруваат со моќниот Фантом. Неговата магија ја исмева Карлота со тоа што наместо да пее таа почнува да крека. Ова ги шокира сите а исплашената Кристин го одвлекува Раул надвор од бркотницата. На покривот на операта тој ја теши и и изјавува љубов, нудејќи и сигурност. Фантомот е сведок на нивниот бакнеж поради што го урива големиот лустер на сцената.
Вториот чин започнува со маскарадна забава. Сите се во Операта чувствувајки се безбедно поради фактот што по инцидентот со лустерот, веќе шест месеци не го виделе Фантомот. Но одеднаш Фантомот сепак се појавува. Тој ја претставува партитурата на неговата нова опера, Дон Жуан Триумфант, за која бара Кристин не само да ја добие главната улога, туку и да се врати кај него на школување. Збунета и исплашена, Кристин бара утеха покрај гробот на својот татко. Доаѓа време за премиера и додека Кристин пее, Фантомот го убива водечкиот Пјанџи и го завзема неговото место спроти Кристин. Тој страсно пее за својата љубов но при кулминацијата на аријатаКристин ја вади неговата маска за да го покаже страшното лице на публиката. Чудовиштето е избезумено заканувајки се дека ќе го убие Раул. Кристин, чувствувајќи терор но и сожалување, се приближува кон Фантомот и го бакнува. Бакнежот има магичен ефект. Суштеството се повлекува, додека сите си заминуваат тој осамено шепоти: “Кристин, те сакам”.
Во понеделник, 08.07.2019, ќе се одржи концерт „Од класика до евергрин“ на Скопски солисти, во Салонот на Националната опера и балет со почеток во 20:30 часот. Диригент е Иван Еминовиќ, а солисти се Наде Талевска-Спасовска – сопран и Горан Наумовски – естраден уметник. Уметнички раководител е проф. м-р Васил Атанасов.
Билети онлајн на www.mktickets.mk и на денот на настанот пред концерт во Националната опера и балет, по специјална фестивалска цена од 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.