Книгата на д-р Наташа Диденко „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации во Македонија, том I ( Музички културно-уметнички организации)“ ќе биде промовирана вечерва, во 19 часот во Музејот на македонската борба, во рамките на манифестацијата Есенски музички свечености.
Издавач на книгата е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје. Рецензенти на книгата се проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и проф. д-р Силвана Сидоровска Чуповска. Книгата е печатенa во Академски печат-Скопје.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, научен советник/редовен професор во Одделението за културна историја при Институтот за национална историја.
Авторката д-р Наташа Диденко уште на почетокот ја дефинира тематиката, степенот на нејзината истраженост и застапеност во досегашните проучувања, односно потребата од нивно посебно монографско претставување. Д-р Диденко ги елаборира музичката култура и значењето на фолклорот, претставени низ сублимирани согледувања на развојот и улогата на музичката култура низ историјата од античко време до создавањето на македонската држава, значењето на фолклорот во културните процеси на Македонија, како и музичките културно-уметнички организации како форми на практикување на фолклорот. Во трудот е елабориран и историскиот контекст на јавната презентација и во тој контекст начинот и значењето на медиумската претставеност, времето и местото на изведба како одраз на историските прилики и културните прилики во Македонија и приемот кај публиката. Авторката д-р Диденко, ги поткрепува заклучоците со обемна документација (необјавена и објавена архивска граѓа) и придружна литература, како и теренски истражувања и фотографии.
Книгата Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации во Македонија, том I (Музички културно-уметнички организации), произлегува од неколкугодишни проучувања на темата, којашто има значајно место во проучувањето на културната историја на Македонија. Содржи 281 страна, 970 фусноти низ кои се претставени научни резултати за една досега малку обработувана тема во нашата наука. Книгата во целина ги задоволува научните критериуми и дава свој придонес за проучувањата на културната историја на Македонија.
Всушност, оваа книга претставува прво досега монографско презентирање на историјатот на културно-уметничките друштва во Македонија, за чијашто цел авторката вложила голем труд во собирањето и во обработката на материјалите врз основа на кои е направена реконструкција на оваа културна дејност во Македонија до 1991 година.
За препознавањето на вредноста на книгата и покажаниот интерес за објавување на истата авторката искажува голема благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Веледрогеријата Еуролек-Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.