Во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“, вечерва во фоајето на Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи Женскиот малдински хор при МКЦ.
Настапот е под диригентската палка на Сашо татарчевски, а на пијано настапува Сара Кесковска. На програмата се: Ричард Роџерс: With a song in my heart, Мишел Легранд: The windmils of your mind, Соло: Мартина Нанеска и Бојана Јованова, Харолд Арлен: Over the rainbow
Ричард Роџерс: Isn’t it romantic, Соло: Магдалена Кочоска, Виктор Јанг: When I fall in love
Соло: Катерина Грковска, Херман Хапфелд: As time goes by, Соло: Доника Домазети и Магдалена Кочоска, Ерол Гарнер: Misty, Артур Хамилтон: Cry me a river, Соло: Доника Домазети и Бојана Јованова, Џони Мерсер: Dream, Хоуги Кармајкл: The nearness of you, Соло: Доника Домазети
Џером Керн: All the things you are, Соло: Мартина Нанеска, Хоуги Кармајкл: Skylark, Чарлс Фокс: Killing me softly, Соло: Јулија Трајковиќ, Бени Андерсон / Бјорн Улвеус: The winner takes it all
Соло: Мартина Нанеска, Бени Андерсон / Бјорн Улвеус: Dancing queen.
Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург.
Има настапувано со голем број ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Битола, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, „Солисти на ФМУ“ и други камерни и симфониски состави.
Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Денови на македонска музика, Интерфест, Скопско лето и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во голем број Европски земји.
Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ-Скопје, уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ и мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје. Редовен член е на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.
Од своето формирање во 1972 па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разноврсен репертоар, овој ансамбл се наметна како важен и неизбежен дел од културниот живот во Македонија.
Освен редовните концерти, хорот учествува во разни проекти соработувајќи со други ансамбли и млади композитори. Како резултат на таквата соработка беа издадени две ЦД-а – “Дискреирање на мантра“ и “ФИРОМ реквием“ со снимки од праизведбите на нови композиции од Александар
Пејовски во изведба на женскиот младински хор, камерен оркестар, удиралки и лента под диригентство на Сашо Татарчевски.
Во изминатите 47 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија. Само во последните неколку години можат да се издвојат низа успешни меѓународни презентации како турнејата низ Нормандија, пехарот на натпреварот “Бохуслав Мартину“ и наградата за најдобра изведба на обврзна композиција во Чешка, првата награда во категоријата за стандардна хорска програма и првата награда во категоријата за фолклорни хорски обработки во Хрватска, првото место во категоријата камерни женски хорови на европските хорски игри во Грац, златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Романија, две први награди и три специјални награди на меѓународниот хорски натпревар „Вратиславиа сакра“ во Вроцлав, две први места, специјална награда и GRAND PRIX на младинскиот хорски натпревар во Братислава како и прва награда на натпреварот „Варсовиа кантат“ на музичката академија “Фредерик Шопен“ во Варшава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.