Во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“ вечерва во Музејот на македонската борба со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи Весна Ангелова-Христов, на пијано, придружена од Момчило Куфојанакис, виолина и Милан Роксандиќ, хорна.

На програмата се: Robert Kahn- Elegia, Charles Koechlin- Quatro petites Pieces, Johanes Brahms-
Trio op.40 Es -dur Andante, Scherzo.Allegro, Adagio mesto, Allegro con brio.

Весна Ангелова Христов – пијано основно и средно музичко образование завршува во Скопје во класата на проф. Павлина Среброва. На 17-годишна возраст е примена на ФМУ каде дипломира пијано со највисока оценка во класата на проф. Борис Романов. Магистрира интерпетација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметности Нови Сад Р.Србија). Во текот на нејзиното школување е добитник на многубројни државни и меѓународни награди и признанија (Специјална награда меѓународен натпревар Нови Сад, Р.Србија, Диплома од меѓународен натпревар во Етлинген, Германија, специјална награда и неколку први награди на државните натпревари по пијано и камерна музика). Учеството на избор за евровизиски преставник за класична музика ѝ овозможува реализација на ТВ Портрет на Македонска Телевизија. Добитник е на стипендија за културно дејствување и културен престој во Париз 2008г. во Меѓународниот град на уметностите (Cites des Arts Paris). Во 2017г. остварува престој во Њујорк каде реализира концерт рецитал во Gallery MC.
Учесник е на меѓународни Мастер класи кај еминентни педагози – Б.Романов, Рита Кинка, Антон Диков, Ј.Михаиловиќ, Јаромир Клепач (Француско-Чешка летна академија). Добитник е на стипендија на МММ за учество на меѓународен Мастер клас во Вајкерсхајм, Германија, каде работи со реномирани педагози од оваа област.
Настапува како солист и камерен музичар во концертни сали во Македонија, Косово, Р.Србија, Бугарија, Хрватска, Франција(Париз), Германија, Турција, Чешка, САД(Њујорк). Има реализирано настапи на домашни фестивали – ДММ,Златна Лира, Охридско лето, Скопско лето и на меѓународна сцена – ДАМ фестивал, Шопен Фест (Приштина), Франкофонски фестивал Солеил, Созопол (Р.Бугарија), Fete de la musique Париз и др. Повеќе пати настапува и како солист со Македонската Филхармонија. Нејзиниот афинитет кон камерната музика ја води кон оформување на пијано трио и пијано дуо, а како пијано соработник најчесто настапува со виолинисти, поддржувајќи ги младите музичари на натпревари, семинари и концертните подиуми. Член е на комисии на државните натпревари по пијано и камерна музика. Од 2005г. до денес работи како надворешен пијано соработник на Факултетот за музичка уметност. Од 2005г. работи како органист во Anglican Church во Скопје. Oд 2007-2019 година работи како надворешен соработник на оркестарот на Македонска филхармонија. Во моментов работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ Скопје.

Македонскиот виолинист м-р Момчило Куфојанакис основното и средното образование го завршува Скопје (класа проф. м-р Ерхан Шукри), каде дипломира на ФМУ – Скопје со највисока оцена на ниво на универзитет, „CUM LAUDE“ (клас проф. м-р Михаило Куфојанакис). Двегодишните постдипломски студии на Државниот конзерваториум „А.К. Глазунов“ во Петрозаводск, Русија, во класата на познатиот Заслужен артист на Русија и Народен артист на Република Карелија, проф. Климентиј Јосифович Векслер, ги завршува со највисока оцена во 2015 година.

Во текот на образованието активен учесник е на: интернационална Аркутино Мастер Класа – Приморско 2005 (проф. Минчо Минчев од Германија), Мастер класа во Меѓународниот центар Е-Вивалди во Венеција, Италија (проф. д-р Ино Мирковиќ), Мастер Класата на European Summer Music Academy 2012 во Приштина, Косово, Мастер класа по виолина (Александар Зиновјевич Бондурјански, проф. на Московскиот државен конзерваториум П. И. Чајковски), Мастер класата на виолиниската Дора Шварцберг, (проф. на Виенскиот Конзерваториум во Австрија), Dresden Meisterkurse Musik (Игор Малиновски, професор на Hochschule fur Musik Dresden во Германија).

Во изминатите речиси 15 години од неговата музичка дејност на македонската концертна сцена, со особен жар и успех ја претставува Македонија во Бугарија, Хрватска, Косово, Кина, Америка и особено во Русија, остварувајќи редица настапи во соработка со пијанистите: проф. м-р Весна Ангелова (Македонија, Бугарија, Косово, Америка), м-р Тодор Светиев (Македонија, Бугарија), Наталија Маричева од Русија (Хрватска), на руската сцена соработува со проф. Заслужен артист на Република Карелија, Русија, Едуард Едуардович Зондерегер, а со врвниот македонски хармоникаш Александар Коловски настапуваат на три концерти во Кина.

Реализира солистички концерти со Македонската филхармонија, гудачкиот оркестар Арко, мандолинскиот камерен оркестар Скопје, Симфонискиот оркестар при ФМУ- Скопје, камерниот оркестар Скопски солиси.
Забележителни се неговите настапи на фестивалот Скопско лето, Интернационалниот фестивал на млади музичари ДАМ во Приштина- Косово, манифестацијата Есенски музички свечености во Скопје, Новаљско глазбено лето, Опатијско културно лето и во Омишаљ на островот Крк, на фестивалот Solei во Созопол, Р. Бугарија, фестивалот во Харбин, Кина на 33rd Harbin Summer Music Festival.

Член е на меѓународното жири на натпреварот во Харбин, Кина / 2016 Harbin China Summer International Accordion Art Week.
Во моментот е член на French Orchestra FAME / Macedonian Music Industry Skopje и надворешен член на оркестатор на Македонската филхармонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.