Во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“ вечерва со почеток во 20 часот концерт ќе одржи „Трио долче“. На програмата се:

 1.Михаил Глинка – Патетично трио

Allegro moderato

Vivacissimo

Largo

Allegro con spirito

 

2.Карл Гепфарт – Трио оп. 75

Andante

Allegro molto

 

3.Лудвиг ван Бетовен  -Дуо бр. 3 во Це-дур

Allegro sostenuto

Арија и варијации: Andantino con moto

 

4.Феликс Менделсон – Концертна пиеса бр. 2 во де-мол оп.114

Presto

Andante

Allegretto grazioso

 

БРАНКО ПАВЛОВСКИ е македонски кларинетист со богата интернационална кариера и репутација. Тој дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Проф. И. Кочаров. Се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија во класата на П. Радев, Академијата за музички уметности во Прага во класата на Ш. Коутњик, Националниот Конзерваториум во Версај, Париз во класата на Ф. Купер. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Р. Дилутис, каде работел како асистент по кларинет се до 2011 година. Во моментов Павловски е редовен професор по кларинет на Музичката Академија при УГД во Штип. Претходно во својата педагошка дејност бил наставник во ДМБУЦ „И. Николовски–Луј“ во Скопје.

Бранко Павловски настапува во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија и Македонија. Тој бил член на повеќе камерни состави и симфониски оркестри: Батон Руж Симфониксиот Оркестар, Акадиана симфони, Прага Моцарт оркестарот, Опера Луизијана, Македонската филхармонија…Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари по музика и има добиено повеќе награди и признанија.

 

ДАНИЕЛ АПОСТОЛОВ е фаготист со богата меѓународна кариера и реноме. Тој е вработен во Македонската филхармонија.  Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на вокално-инструменталниот оддел – фагот со највисоката оценка 10 cum laude. Своето музичко усовшување го продолжува на постдипломски студии на Музичката академија во Љубљана.  Во 2002 година во Вирцбург-Германија ги завршува и уметничките постдипломски студии кај познатиот фаготист проф. Албрехт Холдер.

Даниел Апостолов во 2005 година бил избран за наставник по фагот во звање доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Активно учествува во концертниот живот во својата земја како и во странство: Словенија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија и Германија. Апосотлов бил вработел во оркестарот на Љубљанската опера и балет, како и во оркестарот на Мариборската опера и балет, Словенечката филхармонија, Косовската филхармонија…Тој е лауреат на повеќе државни и меѓународни музички наптревари.

 

ЕМА ПОТЕВСКА ПОПИВОДА е пијанистка со богата меѓународна кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година, Попивода ги завршува докторските студии по пијано, под менторство на проф. С. Слејанска и проф. Д. Бужаровски.

Нејзиниот репертоар вклучува изведби на дела од класичниот репертоар, но и дела од современи автори, македонски композитори и нови иновативни музички стилови во кои и самата се јавува како креатор и изведувач. Taa е основач и уметничи селектор на Фестивалот за современа музика Модоарс. Ема Попивода настапува во САД, Англија, Белгија, Франција, Унгарија, Словачка, Австрија, Турција, Бугарија, Јапонија, Црна Гора и Македонија. Таа е добитник повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Попивода работи како редовен професор по пијано на Музичката академија при УГД во Штип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.