„Музиката денес“ беше насловено предавањето кое се одржа синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид, а на кое говореше познатиот македонски композитор, аранжер, продуцент, диригент и организатор на спектакуларни музички проекти,уметникот Емин Џијан.

Тој укажа на  различните перцепции во музиката, а се задржа и на начините на кои таа се создавала во минатото и денес.

Се обидов да дадам свое појаснување на одредени проблематики за да можат слушателите на убав начин да ја примат музиката и да можат на некој начин да ја разберат онаа квалитетната  или некомерцијална музика, рече Џијан.

 

Овој уметник е познат по тоа што создава фузија од секакви музички жанрови, но сосредоточени во силен авторски израз и музиката ја дели на добра и лоша, поточно на вистинска и  комерцијална.

Одговорот на прашањето како може да се разликува квалитетната  музика е многу мистериозно. Впрочем и самата музика е најмистериозната појава. Таа не постои, освен ако не се запише на хартија, но и таа хартија е мртва. Музиката е временска уметност. Самиот концерт или настан што се случува во моментот, и’ дава една посебна димензија и само луѓето кои се присутни во тој момент и на тој простор,  можат вистински да ја уживаат музиката и да ја почувствуваат магијата бидејќи не е исто како носач на звук кој се слуша дома, во фотелја или во автомобил, појасни Џијан.

Според него, авторот не ја прави музиката за себеси, туку за луѓето, и мора да најде најдобар начин како да ја презентира за да може публиката да ја открие вистинската вредност на делото, а истовремено и на изведувачот.

Технологијата денес како и во секојдневието, помага и во креирањето музика, но постои страв дека компјутерите ќе ја преземат целата работа. Секако, ние кои се занимаваме со правење музика на традиционален начин, ќе продолжиме да го правиме тоа. Таа борба ќе трае. Светот на квалитетната музика ќе биде во минус, но потоа ќе следи откровение, додаде Џијан.

Директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ смета дека музиката всушност е база за се’ она што се создава денес како квалитетна музика музика.

Бидејќи и самата доаѓам од светот на класичната музика, сметам дека се’ ова што се случува денес со новата технологија, иако е многу олеснето,  дава друга тежина. Сепак,  базата ја сочинуваат Бах, Бетовен, Моцарт, рече Поповиќ.

По синоќешното предавање се одржа и концерт на квартетот на Џијан во чиј состав се Гоце Стевковски на тапани, Кирил Кузманов на алт саксофон и флејта и Кирил Туфекчиески на контрабас, врвни мајстори на своите инструменти. Квартетот понуди авторски композиции на Емин Џијан прилагодени за овој состав.

Охридската публика го памети Џијан по реализацијата на спектакуларните проекти со Дерик Меј во 2014 година, како и со Хуан Аткин во 2018 година, кои настапија заедно со Македонската филхармонија на сцената на Античкиоте театар во Охрид.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.