Непријатно е чувството кога ќе се слушне изјава како онаа на амбасадорот Денко Малески кој за Крсте Петков Мисирков рече дека е Бугарин. Од ставовите на бугарската политика не сум изненадена, но сум изненадена од изјавите на нашите политичари, рече професорката Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, на гостувањето на емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа.
После ова се чувствувам посрамено. Со години наназад јас и моите колеги од Институтот за македонски јазик одиме на сите конгреси, славистички средби каде доаѓаат и бугарски колеги, и ретко кој од нив го признава македонскиот јазик. Но, ние говорејќи за нашиот јазик знаевме дека работиме за нашата држава. Сега не знам како ќе се појавам пред колегите од странство кога во нашата земја не е модерно да се зборува македонски јазик, посочи професорката.
Според неа грешката е што не се поставени црвени линии уште од осамостувајњето на Македонија.
Проблемот е што од осамостојувањето никогаш не поставивме национална стратегија и не зацртавме црвени линии. Македонскиот јазик тука е приоритет, категорилна е Јачева-Улчар.
Таа додава „со потпишувањето на низата договори со соседите меѓу кои и Договорот со Бугарија кога ќе кажеме нешто за истиот добиваме етикети дека сме националнисти, и тоа не е толку страшно, туку тоа што се говори дека сме одработувачи за опозициската партија“.
Многу е исполитизирана работата. До сега требаше да имаме црвени линии и најважната е македонскиот јазик кој е основно обележје, вели професорката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.