Екипата на македонскиот докуметарн филм „Медена земја“ нема да добие државна награда како што ѝ вети Владата, бидејќи нема правна основа за тоа, а за парична наградата ќе се снаоѓаат од резервите на Буџетот, дознава „Република“.

„Медена земја“ синоќа во Лос Анџелес, за жал, не доби Оскар, иако беше номиниран во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм.

Владата на сединцата одржана на 21 јануари одлучи протагонистите на документарецот „Медена земја“, Атиџе Муратова и семејството Хусеин и Љутвие Сам со осум деца, да добијат материјална помош и домови. „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов испиша историја со тоа што стана прв македонски филм кој доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и најдобар интернационален филм. Продуцент е Атанас Георгиев, а кинематографери се Самир Љума и Фејми Даут.

Владата на седницата одржана на 21 јануари разгледувајќи ја информацијата за владините акативности поврзани со протагонистите и филмската екипа на „Медена земја“ во точката 2 го задолжи Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на петчлената екипа која го сними филмот, а наградата треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Владата на седницата што тогаш се одржа во Штип, а како што соопшти прес-службата, донелa повеќе одлуки за признание за авторите и протагонистите на филмот, а една од нив е Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на петчлената екипа која го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Министрството за култура ја известува Владата дека во прописите од областа на културата, вклучително и Законот за културата и филмска дејност, не е содржан правен основ за донесување одлука за давање на државна награда и месечен паричен надомест.

Согласно Законот за државни награди, Министерството за култура ги врши стручните, финансиските и администативните работи во врска со доделувањето на наградите „11 Октомври“, „23 Октомври“, „22 Ноември“, „Св. Климент Охридски“, „Мито Хаџи Василев Јасмин“, „Мајка Тереза“ и „Мето Јовановски“.

За Наградите во Законот е утврдена постапка за доделување на наградите по пат на конкурс, предлогот за доделување на наградата го дава Одбор именуван од Собранието, а наградите еднаш годишно ги врачува Претседателот на Собранието.

Исто така ве известуваме дека во Буџетот на државата за 2020 во делот за култура нема обезбедено пари за оваа намена, пишува во дописот до Владата што го испратило Министерството за култура.

Од Министерството за култура ѝ сугерираат на Владата бидејќи во Нацрт-записникот не е прецизиран начинот и времето на доделување на наградата и висината на надоместот таа да донесе соодветен акт за доделување на еднократен паричен износ за протагонистите и екипата соодветно како со ракометарите на Вардар.

Средствата ќе се обезбедат од резервите на Буџетот на државата, пишува во дописот од Министерството за култура.

На таа седница одржана на 21 јануари, Владата го задолжи и Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на Универзитетите и во домовите на култура, „за широка афирмaција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот“.

„Медена земја“ е филм за Атиџе Муратова, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во напуштеното овчеполско село Бекирлија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.