Околу еден милион евра се потребни штипскиот Дом на култура да го добие некогашниот сјај. Толку говорат првичните проценки, но за да се знае точната сума најнапред ќе се бараат пари од Министерството за култура за изработка на проекти.

Потоа ќе се пристапи кон етапна реконструкција, според приоритетите.

Штипскиот Дом на култура одамна е бледа сенка на она што беше некогаш. Со години таму не се одржуваа културни настани, посебно од октомври до март бидејќи нема грееење оти пред неколку години исчезнаа радијаторите, кровот протекува, а по поголеми дождови подрумот се полни со фекалии.

Сега се прават обиди објектот изграден во осумдесетите повторно да се стави во функција посебно што поради ковид протоколите што се уште важат за културните настани на затворено.

На проблеми со состојбата на објектите се жалат речиси сите културни институции во државата. Велат дека парите што ги добиваат од државната или општинската каса не се доволни најчесто ниту за тековно одржување на зградите што треба да бидат храмови на културата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.