На 29 август во една од најпрестижните концертни сали во светот – „Ројал Фестивал Хол“, заедно со оркестарот „Сити оф Лондон Синфонија“, Џијан Емин ќе настапи како диригент заедно со реномираниот диџеј Дерик Меј, чија успешна соработка трае годиниве наназад на меѓународните сцени. На концертот во Лондон ќе бидат изведени композиции на Меј и на Емин, за чија оркестрација се погрижи токму македонскиот истакнат уметник. Се работи за нов концепт во кој се вклучени и неколку џез-музичари, со цел да се добие нов звучен израз, покрај електро-акустичниот пристап кон симфонискиот оркестар.
Концертот ќе претставува нова соработка со агенцијата „Полиартс“ од Лондон, која е дел од една од водечките светски агенции за класична музика – „Харисон Парот“.
Само да потсетиме, Џијан Емин и пионерот на детротската техно-сцена Дерик Меј, заедно со Филхармонијата првпат настапија во 2014 година во Охрид, а изминативе години овој проект беше претставен на фестивали и концертни сали низ Европа, Америка и Австралија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.