„Охридско лето“ и генералниот спонзор на оваа наша најзначајна музичко-сценска манифестација, Македонски Телеком, на 11. јуни со почеток од 18 30 часот во катедралната црква „Св. Софија“ организираат работилница на тема „Музиката денес“. Предавач на работилницата ќе биде Џијан Емин, еден од најдобрите македонски музички уметници.

На предавањето ќе се зборува за различните перцепции на музиката, начинот на кој се создавала низ историјата и како се восприемала, како се создава денес и како денес се доживува. Колку технологијата реално ја загрозува суштинската идеја на композиторот во процесот на создавање, како да распознаваме добра од лоша музика, квантитет наспроти квалитет.

По предавањето, со почеток од 20 часот, следи авторски концерт на квартетот на Џијан Емин во состав : Кирил Кузманов – алт саксофон, флејта, Џијан Емин – пијано, клавијатури, глас, електроника, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани.

Емин умешно прави една нова музичка перцепција, наметнува нова звучна естетика која се базира на неговото навистина огромно искуство како мултимедијален музичар – многу години како прв хорнист во Македонска филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, сега и диригент. Зад себе има богата кариера со заеднички настапи со големи светски и домашни ѕвезди. Масовните концерти со Феми Кути и Македонската филхармонија, „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј и повторно Македонска филхармонија, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Европа), потоа настапот со Белградскиот симфониски оркестар и кумот на техното Јуан Аткинс – уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика се покажа мошне инспиративна, концертот „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените на кој француски познати шансони беа во негови аранжмани, проект со кој, исто така, излезе надвор од нашите граници (Прага, Будимпешта), мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“ што се одржа во „Мала станица“, а кој се издвои како еден од иновативните звучни проекти и во авторска, но и во продукциска конотација, како диригент на Симфониски концерти за деца, на новиот и мошне активен ансамбл на Здружението на џез-музичари на Македонија…

Како дел од неговите проекти се и концертите како хорнист со Македонска филхармонија, но и со Белградската, концертите како класичен солист, камерен музичар, активностите во другите жанрови со бендовите како што се „Проект жлуст“, „Д.Н.О.“, Квартетот на Георги Шарески, „Скопје конекшн“, многу проекти со „Архангел“, соработките со Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, „Фолтин“ и Никола Коџабашија, бројните дискографски изданија, ангажманите со оркестарот за снимање филмска музика „Фејмс“, каде е потпишан како оркестратор на повеќе од 80 проекти, меѓу кои се најде и неговата оркестрација на музиката на Мет Феди која го одбележа најголемиот новогодишен огномет кој се случи во Дубаи, соработки со добитници на Оскар и Греми награди како Малколм Брн, продуцент кој работел и со „Ју ту“, Питер Габриел или Боб Дилан, потоа со А.Р. Рахман, Џеф Милс, Франческо Тристано., Вилијам Паркер, Грег Хопкинс, Питер Херберт, Дамо Сузуки, Џовани Фалцоне, Френк Лондон, Боб Стјуарт, Џанлука Петрела, Лука Аквино, Ернст Рејсегер…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.