На програмата на „Охридско лето“ вечерва е предвиден концерт на Дуке Бојаџиев (клавир/вокал), кој ќе настапи заедно со Исмаил Лумановски – кларинет, Мартин Ѓаконовски – контрабас, Костас Анастасиадис – тапани, Наташа Петровиќ – вокал и нарација.

Концертот започнува во 22 часот на сцената на „Долни сарај“, а Дуке Бојаџиев најави незаборавен концерт вечерва на „Охридско лето“.

Ќе свирам со старата постава со којашто настапувам на концерти изминатите години, Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски-Шпато на контрабас и со Костас Анастасиадис на тапани. Нарација ќе биде Наташа Петровиќ, а вечерва ќе има и специјални гости кои ќе бидат вистинско изненадување за публиката. Овојпат ќе има доста нови нумери, секако и некои од старите кои не можат а да не се отсвират. Најавуваме, ново и посвежо издание, вели Бојаџиев.

Дуке Бојаџиев е македонски композитор, пијанист и продуцент кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата интернационална кариера Дуке има работено со добитниците на Оскар, Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ и Столе Попов. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како: „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и „Телепоп Мјузик“, а има настапувано во светски концертни сали меѓу кои: „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес и на Античкиот театар во Охрид.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.