В сабота, 29 декември од 13 до 15 часот, љубителите на книжевноста во книжарницата „Или-или“  ќе бидат во можност да се дружат со авторката Румена Бужаровска, која ќе ги потпишува нејзините книги.

Неодамна, на 14 декември во МКЦ во Скопје, се одржа промоцијата на нејзината нова збирка раскази „Не одам никаде“, која за кратко време наиде на голем интерес кај читателите, и веќе се подготвува и второтo издание, чии први примероци најверојатно Бужаровска ќе ги потпише веќе во текот на утрешниот ден. Во исто време, се појави и петтото издание на нејзината книга „Мојот маж“, збирка раскази која во изминатите две години се преведена на речиси сите балкански, но и на неколку европски јазици.

Затоа, ова ќе биде одлична можност за љубителите на домашната книжевност да се подружат со една од нашите најуспешни авторки од новата генерација македонски писатели, како предновогодишен подарок за читателите на изданијата на „Или-или“.

Румена Бужаровска

Румена Бужаровска (1981, Скопје) е авторка на збирките раскази „Чкртки“ (2007), „Осмица“ (2010) и „Мојот маж“ (2014), книгичката мали фикции „Спиј“ (2017), како и студија за хуморот во книжевноста За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот (2012). Се занимава со книжевен превод од англиски на македонски (Луис Керол, Џ.М. Куци, Труман Капоти, Ричард Гвин, Чарлс Буковски). Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Literary Europe Live. Добитничка е на хрватската регионална награда за кратка проза „Едо Будиша“. Во 2018 година беше стипендистка на Меѓународната програма за писатели при Универзитетот во Ајова. Таа е една од организаторките и иницијаторките на ПичПрич – платформа за раскажување женски приказни. Предава американска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.

Најновото прозно дело, збирката раскази „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска е своевидно продолжување и надоградување на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка. Оваа книга, составена од седум раскази, на извноредно прецизен и прониклив начин претставува остар и реалистичен, но истовремено суптилен и често трогателен приказ на современата македонска реалност. Имено, преку мајсторското прикажување на многу комплексни меѓучовечки односи – семејни, пријателски и професионални – авторката гради слика на македонското совремие, истовремено прикажувајќи како општеството со своите наметнати патријархални, но и политички и социо-економски матрици, се отсликува во најинтимните јадра на човековите релации. Заебележително е што во овие раскази преовладува темата на економската миграција и растурените меѓучовечки односи што таа ја предизвикува, како и комплексот на инфериорност кон западниот свет.

Во ова дело на Бужаровска гледаме продолжување на северно-американската традиција на раскажување, на автори како Елис Манро (со кого неслучајно Бужаровска ја спореди критичарот Теофил Панчиќ), но присутна е и минималистичката, хипер-реалистична традиција на раскажување на Рејмонд Карвер, како и насилно-епифаниската нишка присутна кај Фланери О’Конор. Сепак, Бужаровска гради изразито сопствен, сликовит, реалистичен, но и хумористичен стил што ќе остане забележан во македонската раскажувачка традиција, во која оваа авторка веќе го остави својот печат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.