Утре во книжарницата „Или-Или“ во Скопје, љубителите на книжевноста ќе бидат во можност да се дружат со наградуваниот автор Давор Стојановски, кој ќе го потпишува најновиот роман „Утеха за голите“, а секако и примероците од неговите два претходни романи, „Собирачи на пепел“ и „Ненасловена месечева соната“, кои во оваа прилика ќе бидат со промотивни цени. Авторот ќе биде во книжарницата од 12 до 14 ч. и од 17.30 до 19 ч.
Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-Или) влезе во потесниот круг за наградата Роман на годината на „Утрински весник“, а вториот роман „Собирачи на пепел“ (2016, Или-Или) ја освои наградата Роман на годината на „Утрински весник“.
За новиот роман „Утеха за голите“, преведувачот и книжевниот критичар Душко Крстевски потенцираше:
„ Дали постојат конечни одговори? Дали е можно помирување на оној свет ако тоа не сме го сториле на овој? Дали може да се обвини некој за објектот на неговата страст? Тоа се само дел прашањата, кои Стојановски ги отвора и ги разгледува во своето ново дело. Романот „Утеха за голите“ ги допира и темите на вечноста и бесмртноста, допира неколку горливи етички прашања, ја допира и темата на среќата и радоста во новиот век, се впушта во потрага по утехата во најмрачните периоди на живеењето. Со неговиот веќе препознатлив стил и одлична реченица, Давор Стојановски раскажува приказна која ќе го заинтригира читателот притоа нудејќи му задоволство далеку од евтините трилери и провидните deus ex machina решенија на современите романи, а сепак да не биде оптоварен со тешка синтакса и безредно нафрлани заплети. Авторот и овојпат раскажува приказна којашто е мрачна и бизарна, без притоа да ја изгуби својата хуманистичка нота во сиот хаос на современото живеење“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.