Драмски театар Скопје со претставата „Чудесна терапија“ од Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски учествуваше на фестивалот „РУТА групација Триглав“ на островот Големи Бриони,  Хрватска. Фестивалот беше организиран од хрватскиот театар „Улисис“, соопштија од Драмски.

Фестивалот „РУТА групација Триглав“ е составен од шест театри од регионот: МГЛ Љубљана, Словенија, Театарот Улисис, Загреб, Хрватска, Камерен театар 55, Сараево, Босна и Херцеговина, Градски театар Подгорица, Црна Гора, Драмски театар Скопје, Македонија, и Белградско драмско позориште, Србија. Основната цел на фестивалот е поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациона смисла. Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни ко-продукции или други форми на соработка.

Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање. Во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика.

Првиот фестивал се одржа во декември 2019 година, во Белград, а вториот во март, 2020 година во Подгорица, За жал, со оглед на пандемијата, фестивалот мораше да направи пауза додека не е создадоа услови за негово продолжување кое се случи во месец август, 2021 година.

Следната дестинација е Сараево, во ноември, доколку условите го дозволат истото.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.