Драмски театар Скопје ја подготви претставата „Несоодветно за на работа“ („Not Safe for Work“) на британскиот драматург и драмски писател Луси Кирквуд чија премиера ќе биде прикажана на „Охридско лето“ в петок, на 27 јули во Центарот за култура во Охрид во 21 часот. Режисер е светски познатиот холивудски актер и професор Доналд Ворен Мофет.

Кирквуд е претставник на младиот бран драматурзи и драмски писатели од Велика Британија и е поврзана со една битна струја, а тоа е феминистичкиот правец.

Оттука произлегува дека оваа драма се занимава со таа проблематика и со проблематиката на демонстрација на моќ која е поврзана со проблемите околу родовите и со објективизација на женското тело. Тоа се две линии кои се доминантни во овој драмски текст, рече денеска на прес-конфренцијата Виткорија Рангелова Петровски, директорката на Драмски театар.

Мофет рече дека во САД една претстава се подготвува три до четири недели, затоа што времето е пари, а тука претставата се подготвувала пет недели.

Доналд Ворен Мофет

Но, јас уживав работејќи. На пробите јас имав текст напишан на англиски и на македонски јазик. Имам познавање од руски јазик, но овие два јазици не се блиски, објаснува Мофет, кој имаше само пофални зборови за македонските актери.

Тука има одлични актери. На моите пријатели и соработници ќе им пренесам да дојдат во Скопје, затоа што ова поднебје е неоткриено, самиот град е уникатен, не е американизиран, како и останатите делови од Америка и тоа му дава посебен дух, додаде Мофет.

Актерот Зоран Љутков е задоволен од работата со Мофет и среќен е што по пауза од неколку години повторно имаат шанса да работат со режисери од странство.

Многу ми се допадна начинот на кој функционира режисерот, за брзината на работата, начинот на мислење и функционирањето на театарот. После многу долго време на десет дена пред премиерата се чувствував како да можам веднаш да се појавам на сцена и не се залудни овие неколку генерални проби, рече Љутков.

Претставата „Несоодветно за на работа“ на крајот на септември премиерно ќе биде изведена во Скопје. Улогите во претставата ги толкуваат Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.