Во Москва деновиве излезе од печат обемен (280 страници) избор пиеси од Венко Андоновски. Книгата ја објави реномираниот руски издавач „У Никитских ворот”. Составител и преведувач на книгата е Олга Панкина, популаризатор на македонските културни вредности во Русија.
Таа вели дека Венко Андоновски во Русија е познат по неколку раскази и романите „Папокот на светот” и „Азбука за непослушните”. За романот „Папокот на светот” ја доби литературната награда „Jугра” (2013). Сега дојде ред пошироко да биде претставен како драматург. Книгата ги содржи пиесите „Словенски ковчег”, „Олово на перницата” и „Граница”.
На корицата на книгата се наведени зборовите на познатиот руски писател Евгениј Водолазкин.
Според Олга Панкина, задача на книгата е да предизвика интерес за македонската драма и театар пред се кај руски театарски дејци, режисери. Во октомври таа планира да го промовира зборникот на театарскиот фестивал во градот Долгопрудни, а постои и можност барем една од пиесите да биде поставена на руската сцена.
Со овие три пиеси списокот на драмите преведени од Олга Панкина достигна 20.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.