Два документарни филмови посветени на браќата Манаки ќе бидат прикажани во Кинотека на Македонија на 30 април.
Со почеток во 18 часот ќе се прикажува документарниот филм „Манаки- Приказна во слики“ (Manaki – Story in Pictures). Режијата е на Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева, Роберт Јанкулоски.
Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст. Од оваа причина, секој факт и мислење презентирани во филмот МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти“, стои во најавата за филмот.
Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.
Со почеток во 20 часот на 30 април ќе се прикажува документарниот филм Студија на Случај: Браќа Манаки, (Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi / The Manakia brothers. Diary of a long look back).
Сценариото и режијата е на Елиза Здру. Нејзината идеја да направи документарец како СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ се родила на многу интересен начин. Елиза пронашла стара фотографија од своите предци од 20-тите години на минатиот век, која, иако немала потпис, многу потсетувала на стилот на браќата Манаки.
Истражувањето околу семејната фотографија постепено се испреплетувало со приказната за животот и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, а Елиза документарецот, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.