Интимен Театар од Битола ја продолжува својата поредица од документарни претстави, во коишто играат жени што зборуваат за своите животи, а во исто време го користат театарот како алатка за подигање на квалитетот на нивното секојдневно живеење.
Нашиот театар, Интимен театар од Битола, овај пат ја отвори својата сцена за три прекрасни жени коишто се поврзани помеѓу себе со две важни теми, и тоа пензионирањето од една, и ракот на дојка од друга страна. Нивната храброст да зборуваат дирекно и отворено за важни за нив теми и проблеми е фасцинантна, а нивната желба за живот е охрабрувачка и мотивирачка. Оваа сабота (20 ноември) во 21 часот, и вторник (23 ноември) во 20 часот, ќе се изиграат премиерата и првата реприза на претставата “ЖЕНИ“, работена по документарни материјали, вели Софија Ристевска Петрушева, режисер на претставата.
Во претставата учествуваат Катерина Петровска, Јоланта Дафовска, Јасмина Костандинова и Валентин Дамчевски.
Отварање на ваков тип на платформи, што нудат учество и на локалното население во современиот театар, се многу актуелни во Европа во овај момент, затоашто даваат шанса за изразување на мислења и од страна на обичниот граѓанин, даваат можност за отварање на многу важни дискусии на конкретни теми, а од друга страна театарот се користи како полезна алатка за зголемување на квалитетот на живот, на секој што учествува во неговото создавање, додава Софија Ристевска Петрушева.
Интимен Театар е местото во град Битола што дава можност за артистично изразување како на уметниците, така и на граѓаните од нашата локална заедница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.