Со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените, синоќа на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп заврши 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што од седми јуни се одржуваше во Прилеп.

Жирито ги додели наградите на најдобрите, пред сѐ, на најдобрата претстава во целина, претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ според Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, како и на сите најдобри остварувања.

Најдобрата претстава на Битолскиот театар ги собра аплаузите на публиката, а не помалку привлече внимание и аплаузи и наградата, првпат, од публиката која ги оценуваше претставите на Фестивалот. Од публиката наградата за најдобра претстава ја понесе претставата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓорѓиревски, а во изведба на Прилепскиот театар. Оцената за претставата беше највисока од сите осум во официјалната конкуренција и изнесуваше 4,85.

Наградата во форма на статуетка во мермер со раце кои аплаудираат ја додели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чиј состав е Прилепскиот театар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.