На публицистите Тошо Филиповски и Томислав Кежаровски и новинарите Аделина Марку и Марјанчо Николовски денеска во Собранието им беше врачена државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“.

Претседателката на Одборот за доделување на наградата Катерина Блажеска на денешното доделување на наградата посочи дека на конкурсот пристигнале голем број квалитетни публицистички и новинарски трудови, што нивната задача во Одборот ја направиле тешка, но во исто време возбудлива, интересна и предизвикувачка.

На денешен ден, 21 декември, е роден македонскиот публицист и големо новинарско перо во времето во кое творел и живеел. Следната година ќе одбележиме сто години од неговото раѓање. И самата награда е влезена во петтата деценија од нејзиното доделување и нема новинар и публицист кој не би сакал во свои раце еден ден да го има ова големо и престижно признание. Токму затоа, и ние од Одборот не бевме изненадени кога на конкурсот пристигнаа голем број трудови, жанровски и тематски различни, рече Блажеска.

Таа напомена дека одлуката ја донеле со многу високо мнозинство, и појасни дека наградата е чест, но уште повеќе обврска.

Таа им ја честита наградата на добитниците и им посака успешна и плодна работа, во која единствена водилка и понатаму ќе им биде и остане етичкатате и професионална поврзаност.

Публицистот Тошо Филиповски се заблагодари за наградата и додаде дека и без и со наградата, ќе продолжи со страст да работи и создава во македонската историја.

Томислав Кежаровски во своето обраќање денеска напомена дека доделената награда за него е признание, но и обврска да продолжи понатаму уште поцврсто, уште порешително и поенергично во справување со неправилностите во општеството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.