Министерот за култура Асаф Адеми престојува во работна посета на Берлин, Сојузна Република Германија, каде што во рамките на 69-тото издание на меѓународниот Берлински филмски фестивал ќе присуствува на светската премиера на новиот македонски филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, соопштија од Министерството за култура.

-Во рамките на посетата, министерот Адеми ќе оствари работни средби со претседателот и со извршниот директор на „Еуримаж“, Катерине Траутман и Роберто Ола, со Матис Воутер Нол, директор на Европскиот филмски маркет кој е еден од трите најголеми филмски маркети во светот, како и со Лусиа Рикалде, раководител на секторот Креативна Европа – Медија на Европската комисија при Генералниот директорат на Комуникациски мрежи, содржина и технологија. Министерот за култура Адеми, за можностите за промоција на македонската филмска уметност ќе разговара и со Херолд Е. Третенбреин, раководител на секторот Креативна Европа – Медија во ЕАЦЕА – Извршна агенција за образование, аудиовизуелни уметности и култура на Европската Унија.
Инаку, годинава филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е избран во официјална конкуренција на годинашното „Берлинале“, со што по пауза од 25 години, македонски филм повторно ќе биде во главна селекција на филмски фестивал од А-категорија. Премиерата на филмот е закажана за утре 10 февруари. Вечерва пак во организација на Агенцијата за филм ќе се одржи Македонски ден на кој ќе присуствува и министерот за култура Адеми.
На филмскиот фестивал „Берлинале“ Република Македонија учествува и во други две програми. Имено, актерот Благој Веселинов е избран во програмата „Филмски ѕвезди“ (Shooting Stars), а актерката Сара Климоска е дел од „Берлин таленти“, велат оттаму.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.