ДОДЕКА НЕ БЕШЕ ТУКА – самостојна изложба на Симонида Филипова Китановска, ќе се одржи денеска, а на отворањето ќе говори Ахмед Буриќ – поезија, а Тони и пријателите ќе се погрижат за музиката.

Песни што молчат и слики што ги зборуваат

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија за неа, односно
приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.
Постојат милиони причини за ова, а основната веројатно е тоа што секоја уметност,ако е валидна, поседува метафизички елементи. Или е втемелена во нешто безвременско, нешто што доаѓа од другата страна и оттаму е неоценливо. Често и неизговорливо: најдобриот дел од некои значајни достигнувања често се необјасниви, и без оглед на
развојот на теоријата и на алатките за создавање, ние сѐ уште се потпираме на инстинкт, импулсот што нè води кон нешто што не можеме целосно да го сфатиме, но нè
приближува до она што е наша внатрешност.
Откривањето на надворешниот свет помага во откривањето на себеси, и се чини дека не постојат поблиски човечки активности од желбата за знаење, сеедно дали се работи за
детска љубопитност или сериозно структурирана научна или уметничка дисциплина, и – интроспекцијата. Веројатно би било препотентно ако сега го цитираме Чехов, или Достоевски, кои во некои свои размислувања велат дека сѐ што знаат за светот научиле од самите себеси. Но, секое сознание за светот, сепак, почива на еден единствен пример.
Како што не е доволно само да се има разум за да се делува рационално, во овој конкретен случај се чини „попаметно“ да се тргне по „несигурна“ патека.
Поетот од островот Keoс, кој живеел од 556 п.н.е., имал долг живот и умрел на Сицилија на возраст од 88 години, според културната историја, ги напишал најубавите лирски
песни, затоа што корската поезијата ја лишил од приврзаноста кон култот и ги вовел „профаните“ книжевни родови. Плиниј му ја припишува заслугата за збогатување на
грчкото писмо со четири нови букви. Но, она по што се чини ќе остане засекогаш запаметен е неговата мисла дека „сликарството е поезија што молчи, и дека поезијата е
слика што зборува“.
Токму тоа беше првата асоцијација на големите платна на Симонида Филипова Китановска, насликани со туш, акрилна боја и мешавина на пигменти. Значи, длабочината, латентноста на порака и чувството за светот сублимирани во насловот – „While you were gone“. Најслободниот превод на ова ќе биде „Додека не беше тука“, но ова толкување не може да најде безбедно „упориште“. Тоа не треба ни да се бара од него, бидејќи се чини дека заминувањето е една од најзнаменитите константи на човековото постоење, па дури и на уметничката дејност: долгогодишен престој на концепт или идеја во уметничкиот корпус на авторот (во овој случај на авторката), никогаш не се реализира целосно според првобитната замисла. Можеби токму во ова се крие ембрионот на непоимливото, но јасно е дека некои мотиви
непречено егзистираат: континуитетот на работата на добро познат и препознатлив акварелист со овој циклус наведува на несовпаѓање со она што сме навикнати да го видиме, но некои работи изгледаат познати. Веројатно, затоа што тие се вечни: диптихот создаден од големо синило, кој може да се нарече „D Wave“, може да нè доведе до портата на перцепцијата, која пак ненадејно нè води кон условно кажано – изворите на културата на Западниот, Новиот свет. Но, во него чувствуваме и потполно предавање кон сликата, исчезнување во неа, толку карактеристично за источното поимање на светот.

Така е и со сликите, кои јас, следејќи го поривот и заради полесно помнење, ги нареков „Happy Black“, „Little Big Band“ или „When Dragon Comes to Rest“. Зборовите, сепак, се
само имиња за нештата, и невозможно е да ги изразат сите нивоа што ги поседува сликата. Би бил банален секој обид да се „затвори“ некоја слика само во просторот во кој
зборовите се обидуваат ја оградат. Но, во тоа, веројатно, е и предизвикот. Колку повеќе ги гледате и замислувате овие слики, тие сѐ повеќе се во вас и ви отвораат некои нови
видици: ова треба да е оригиналната „задача“ на уметноста, иако, како што знаеме, таа нема задача. Нејзината единствена мисија е слободата, односно ослободување. Во она што го ослободила Симонида Филипова Китановска, од себе и за нас, постојат знаци што можеме да ги читаме на безброј различни начини, но можеме и едноставно да им се
препуштиме на сликите, или на целата изложба не обидувајќи се да го разбереме она што на самиот почеток рековме дека е невозможно. „Додека не беше тука“ може да биде длабоко интимно, трагично чуство за светот и за нешто што некогаш се случило. Може да биде заминување на некоја епоха. Или почеток на нова. Ако се навратиме кон она дека убавината е во окото на оној што гледа, повторно ќе се вратиме на почеток, во точката од која сѐ започна – секое заминување е нешто во коешто е запишано враќањето. Тоа исто така може да биде враќање кон апстракцијата, но секако е синтеза во која разбирањето на самиот себеси е апсолутен предуслов за нешто воопшто да може да се изрази и прикаже.Оваа приказна ви остана должна една работа: името на поетот, кој на светот му ја оставикорелацијата помеѓу песната што молчи и сликата што зборува. Неговото име беше Симонид, и тоа што е имењак на уметничката може да нѐ потсети дека името е знак. Секако и на фактот дека работите што ги препознаваме не мора да имаат име. Доволно е што во нас тие раѓаат копнеж кон универзалното. Што секако е случај и со овие големи формати во овој фрагментиран и иситнет свет.
Овој текст не е пофалница. Не е напишан само за да се напише. Исто е и со сликањето: ова се слики што уметничката ги насликала затоа што морала. Пишуваме или сликаме затоа што сакаме нешто да кажеме. Останатото е тишина. Или љубов, напиша Ахмед Буриќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.