Утре (сабота, 20 април) од 12 до 14 ч. во книжарницата „Или-или“, добитничката на наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“, Николина Андова Шопова, ќе ги потпишува примероците на наградениот роман „Некој бил тука“ во неформална дружба и разговор со читателите.

Некој бил тука е психолошки убедлив и вознемирувачки длабок роман; го лови моментот кога болката станува лудило и смрт. Овде ќе сретнете мртви риби со ококорени очи, во ќеса, спремни за чистење, безглави кокошки што летаат, турпија во прашина, отров во плико… – смртта демне на сите страни во романов! Обеспокојувачка драма раскажана на зачудувачки поетичен и смирен начин“, вели Никола Гелевски, уредник на книгоиздателството Темплум.

Ова е прв роман на Андова Шопова, која досега објавувала поезија, хаику и раскази. Во 2013 ја објави првата поетска книга „Влезот е од другата страна“; „Поврзи ги точкитe“, втората стихозбирка, излезе во 2015 година; двете во издание на „Темплум“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.