Националната галерија поради коронавирусот програмскиот циклус го започна на 22 јуни со проектот под наслов „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски, инсталација во просторот на Чифте амам која ќе се „гради“ во текот на јуни и јули.
Заради неможност на физичко присуство целиот процес на поставување ќе биде прикажан на социјалните мрежи на Националната галерија.
Останатите програмски содржини за 2020 година се планираат со следната динамика: Ретроспективна изложба на Решат Амети предвидена за септември/октомври во Даут пашиниот амам (куратор Горанчо Ѓорѓиевски).
Нареден проект на виш кустос Ана Франговска планиран за ноември во објектот Чифте амам е изложбата на Моника Мотеска под наслов „Везење во камен“. Оттаму информираат и за два нови проекти кои ќе се реализираат.
– Станува збор за конкурси кои ќе бидат отворени до 20 јули 2020 година. Првиот конкурс е наменет за двајца млади уметници. На овој конкурс ќе може да се пријават уметници до (и) 35 годишна возраст (до денот на пријавувањето на конкурсот да немаат повеќе од 35 години), со постојано место на живеење на територијата на Македонија (од најмалку три години). Повикот е отворен за сите млади уметници кои имаат идеја да реализираат проект во еден од објектите на Националната галерија – мултимедијалниот центар Мала станица, во периодот октомври ноември 2020 година. Темата не е ограничена, ниту однапред детерминирана, соопштуваат од Национална галерија.
Додека, вториот конкурс е за зрел уметник и ќе може да се пријават сите уметници над 35 годишна возраст со постојано место на живеење на територијата на Македонија (од најмалку три години). Проектот ќе треба да го реализираат во мултимедијалниот објект Мала станица во ноември – декември 2020 година.
Последниот проект планиран од Националната галерија за крајот на 2020 година е јубилејната изложба по повод 90 години од раѓањето на Иван Велков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.