Синоќа во Младинскиот културен центар (МКЦ) се одигра премиерната изведба на претставата „Дневна доза мазохизам“ по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ, во режија на Лука Кортина.
По синоќешната премиера закажани се уште две изведби, денеска и утре, на 6 и 7 септември со почеток од 19 часот.
Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизам“, како што посочуваат од МКЦ, не само што првпат е поставена во земјава, туку ја доживува и својата светска премиера. Праизведбата на овој драмски текст во нашата земја означува сериозен чекор во развојот на соработката помеѓу младите театарски работници од регионот и Европа.
Праизведбата на мојот текст „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ е од големо значење за мене како автор, а верувам и за Пресврт, кој со овој проект отвора интересен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Се надевам дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори, со кои делиме доволно сличности за да се испреплетат темите што нè засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други“, вели Дина Вукелиќ.
Изведбите на претставата „Дневна доза мазохизам“ се организираат согласно со актуелните протоколи за организација на настани. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.